Македонија
ЕУ да почне преговори со Македонија, членство во 2018
Оптимизам дека Европскиот парламент ќе поддржи отворање преговори со Македонија за членство во ЕУ изрази известителот за земјава, Ерик Меер
Оптимизам дека Европскиот парламент ќе поддржи отворање преговори со Македонија за членство во Европската унија изрази известителот за земјава, Ерик Меер.
Наспроти мислењето на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои досега сакаа да го одложат почетокот на преговорите со Македонија, која чека од 2005 година, сега постои ситуација, во која преговорите може да почнат, рече европарламентарецот од Холандија, чиј документ ЕП треба да го разгледа идната недела.
Дури и ако преговорите почнат многу скоро ќе биде потребно време до 20017/18 година, пред земјата да влезе во Унијата, а во меѓувреме сите останати прашања, особено со соседна Грција ќе треба да бидат решени, рече Меер.
Според него името не проблем за повеќето земји членки и за мнозинството во ЕП, но е „особен проблем за една од земјите членки или веројатно за Грција и Кипар заедно“, кои можат да го направат цврст услов за прием.
Двете земји можат да стават вето на почетокот на преговорите, на отворањето, нови поглавја или на конечниот резултат, рече Меер, прецизирајќи „заедно може да стават вето 61 пат“.
Земја кандидат треба да биде свесна дека може да влезе во ЕУ и НАТО само ако сите земји се согласат со тоа, ако некој има било каква причина за да не ве примат, вие ќе останете надвор, тоа е реалноста во овој момент, истакна европарламентарецот.
Евроамбасадорот Ерван Фуере на форум во Скопје порача дека Македонија треба да се осигура дека изборите ќе се одржат согласно највисоките стандарди, што ќе биде позитивна порака за земјата и политичката атмосфера
Остануваат осумте бенчмаркови за препорака за отпочнување преговори, но значајно е изборите да поминат во добрата атмосфера, рече Фуере истакнувајќи дека со тоа ЕК ќе има причина повеќе да даде позитивна оценка
Македонскиот вицепремиер задолжен за ЕУ, Ивица Боцевски рече дека напорите на владините институции се да обезбедат услови изборите да течат во мирна атмосфера../крај/мс/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Ред во образованието ќе ставиме со едносменска настава и продолжен престој во училиште
Во многу општини во државата има прекумерен број на наставници, односно работат со паралелки од неколку ученици и затоа блок дотациите кои ги исплаќаме за основното и средното образование во најголем дел се трошат за исплата на плати на наставниците. Проблемот може да се реши со оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Тоа ќе донесе и подобри резултати на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање во врска со неисплатениот регрес за годишен одмор на наставниците од средните училишта во општина Гостивар.
„Министерството за образование и наука во 2025 година кон општина Гостивар има исплатено блок дотација за финансирање на средното образование во износ од 320 милиони денари, а понатаму локалната самоуправа е надлежна да ги распредели средствата по ставки. Но, 96,9% од тие средства се исплатени за плати. Така што, јасно е зошто општината не исплатила регрес. Проблем е прекумерниот број на наставници и градоначалникот тоа го знае“, рече Јаневска.
Посочи дека од самиот почеток на мандатот се заложува за оптимизација на училишната мрежа и за воведување на едносменска настава.
„Не е добро да функционираат училишни објекти со по неколку ученици. Мораме да ги споиме со поголемите училишта. Тоа е добро за социјализација на децата и за намалување на режиските трошоци, а од друга страна со воведувањето на едносменската настава и продолжениот престој ќе ги задржиме сите наставници на работа и со нивен дополнителен ангажман од 2-3 часа дневно, нашите деца ќе постигнуваат многу подобри резултати од сегашните“, додаде министерката, потенцирајќи дека лани едносменската настава имало во 150 училишта, а годинава во повеќе од 200.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.

