Македонија
Брутален напад врз агенцијата Макфакс

Кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија неосновано, брутално и недолично ја нападна агенцијата Макфакс за „непрофесионалност“
Кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија неосновано, брутално и недолично ја нападна агенцијата Макфакс за „непрофесионалност“ и изнесување невистини.
Поводот е повеќе од банален . Во една од вестите што се објавени во вторникот не било спомнато името на претседателот на Парламентот.
Поради тоа
шефот на кабинетот на претседателот
на Собранието Марјан Маџовски го обвини Макфакс за „груба грешка“, „ непрофесионалност“ и објавување невистини. Макфакс е обвинет и за кршење на „дипломатски и протоколарни правила, што е бесмислено.
Во инкримираната вест, за посетата на чешкиот премиер Тополанек на Скопје, спикерот на Парламентот никако не можеше да биде спомнат бидејќи неговиот кабинет не соопшти дека ќе има средба со претседавачот на ЕУ.
Макфакс веста за посетата на чешкиот премиер ја подготви врз основа на неговата агенда во која беа најавени средби само со претседателот Црвенковски и премиерот Груевски. Од кабинетот на претседателот на Собранието, до моментот кога е објавена веста, немаше соопштение, ниту за посетата на претседавачот на ЕУ, ниту за средба со него.
Врз основа на тоа
Макфакс побара извинување
од шефот кабинетот на претседателот на Собранието, но тоа не пристигна. Во Макфакс и не очекувавме извинување имајќи ги предвид бруталноста на нападот од позиција на сила, леснотијата со која се изнесуваат невистини и обвиненија, како и мешањето во уредувачката политика.
Агенцијата Макфакс е едно од најстарите приватни гласила во Македонија. Веќе 16 години објавува вистинити и професионални вести поради што има висок углед во Македонија и во светот како независно гласило од доверба. Изминатите години имало и повеќе напади, мешање во уредувачката политика и обиди на кабинети да ги „учат“ новинарите да пишуваат вести.
Агенцијата Макфакс за овој настан ги извести Здружението на новинари на Македонија, Асоцијацијата на приватни новински агенции (АПНА), Медиумската организација СЕЕМО, Светската асоцијација на весници (WAN), како и други новинарски и меѓународни институции. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ана Михајлов нова в.д. директорка на „Еразмус“

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност има ново раководство кое ќе ја продолжи имплементацијата на „Еразмус“ и „Европски солидарен корпус“ во Македонија, како и на неколку други европски програми и мрежи за образование и мобилност. За в.д. директорка на институцијата е избрана Ана Михајлов, која доаѓа од редот на вработените и има искуство во областа повеќе од 15 години, соопшти Министерството за образование.
Министерката Весна Јаневска на денешната средба со Михајлов и’ посака успех во спроведување на програмските определби, посочувајќи дека активностите на Националната агенција се исклучително важен дел од напорите на државата за интегрирање на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор.
„Михајлов изрази уверување дека институцијата ќе продолжи доследно да ги почитува европските начела за работа при спроведување на програмите за образование и мобилност и придобивките од истите да ги доближува до што повеќе ученици, наставници, граѓански здруженија и други чинители на образовниот систем.
Како национален авторитет, Министерството за образование и наука продолжува да ја следи работата на Агенцијата и преку редовна комуникација со образовните и научните институции и тела во рамки на Европската комисија да гарантира правилно и оптимално работење, како и континуирана надградба на капацитетите на институцијата“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на младите: Мора да им овозможиме учество на младите во управувањето со сегашноста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Билјана прими млади од Охрид, по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите.
Меѓу нив беа: претставници на Младинскиот центар Охрид, членови на Младинскиот совет од Охрид, првенци на генерацијата од трите средни училишта во градот, креатори на еко-апликацијата „Trashpinger“, учесници во меѓународни младински размени, како и членови на Летната школа за гитара и Летната ликовна школа при МЦО.
Таа упати честитка по повод Меѓународниот ден на младите, нарекувајќи го „најважен празник на светот“.
Младите ги презентираа своите ИТ-вештини, како и талентите во сликарството, танцот и музиката. Најуспешните средношколци ги споделија искуствата од школувањето и плановите за иднината, а учесниците во меѓународната размена информираа за позитивните искуства од посетата.
За претседателката, Охрид ќе биде поубав, доколку се искористат знаењето, умот и талентот на младите луѓе, како носители на нови идеи. Возрасните мора да им овозможат на младите учество во управувањето со сегашноста, ако сакаат подобра иднина.
За сите, важна претпоставка за младинското учество во процесот на одлучувањето е донесувањето на измените на Законот за младинско учество и младински политики.
Таа им се заблагодари на гостите за прекрасниот ден.
Македонија
СДСМ: Полицијата на Тошковски повторно во служба на сеење страв – се легитимираат новинари!

„СДСМ ги осудува постапките на полицијата на Тошковски во Демир Хисар, каде полициски службеници легитимираа новинари на јавен простор, со видливо истакнати новинарски легитимации. Недозволиво е полицајци на јавен простор да ги третираат новинарите како „непознати лица“ кога на себе имаат легитимации“, велат од СДСМ.
„Знаеме дека Тошковски е уплашен од вистината, од силните реакции на јавноста за сите скандали што ги прави, но не може да ја претвори полицијата во инструмент за сеење страв и замолчување.
Нека ги остави Тошковски новинарите да работат и да известуваат за прашања од јавен интерес. Наместо да ги попречува, полицијата е должна да ги штити нив и новото право за работа без било каков притисок.
Секое друго однесување е директен удар врз слободата на медиумите“, соопшти СДСМ.