Македонија
Ноќеска не се препорачува патување
Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци на коловозот, патниот правец Маврово-Дебар-Струга-Ќафасан е затворен за сите видови на возила
Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци на коловозот, патниот правец Маврово-Дебар-Струга-Ќафасан е затворен за сите видови на возила, соопшти АМСМ.
Очекувано е во текот на вечерните часови условите за сообраќај да се влошуваат и поради тоа не се препорачува патување во доцните вечерни часови.
Сојузот соопшти дека забрана за движење на тешки товарни возила има на патниот правец Гостивар-Кичево, преку планинскиот превој Стража. На овој патен правец за патничките возила задолжителна е употребата на зимска опрема.
Сообраќајот на патниот правец Росоман-Прилеп преку планинскиот превој Плетвар се одвива отежнато и со подолготрајни застои.
На патните правци Битола-Ресен преку Ѓавато и Ресен-Охрид преку Буково задолжителна е употреба на зимската опрема за сите видови на возила.
На патниот правец Тетово-Попова Шапка задолжителна е употреба на зимска опрема за сите видови на возила.
Отежнато одвивање на сообраќај имаме на патните правци Крива Паланка – г.п. Деве Баир и Берово-Кочани, но засега без забрани за возилата.
Поради ваквите отежнати зимски услови за сообраќај, на сите возачи им препорачуваме исклучително внимателно да ги управуваат своите возила и да ја прилагодат брзината на движење на ваквите забавени услови/крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.

