Македонија
НБМ ја зголеми референтната каматна стапка за два отсто
Одлука за зголемување на референтната каматна стапка за два проценти донесе денеска Народната банка на Македонија (НБМ)
Одлука за зголемување на референтната каматна стапка за два проценти донесе денеска Народната банка на Македонија (НБМ).
Информацијата беше објавена на прес конференција од гувернерот Петар Гошев, кој посочи дека веќе на престојната аукција благајничките записи наместо 7% ќе бидат емитувани со каматна стапка од 9%.
„Реакцијата на монетарната политика преку зголемување на каматната стапка е насочена кон стабилизирање на девизниот курс, натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво и
продолжување на политиката на стабилен девизен курс“, рече Гошев.
Тој нагласи дека успешното одржување на екстерна рамнотежа наметнува потреба од соодветни и добро координирани мерки од страна на сите носители на макроекономските политики.
Гувернерот Гошев не даде прецизен одговор дали зголемувањето на каматната стапка е предизвикано од издавањето на краткорочни државни записи од министерството за финансии со каматна стапка од 8,25 отсто.
НБМ продолжува да ја брани стабилноста на девизниот курс со сите инструменти и мерки кои што ги има на располагање, рече Гошев, додавајќи дека обезвреднувањето на денарот би предизвикало дополнителни дисторзии во нашата економија.
Гошев информираше дека моментните девизни резерви изнесуваат околу 1,3 милијарди евра, откако НБМ интервенирала на девизниот пазар преку продажба на 162,3 милиони евра во последниот квартал од претходната година и со 181 милион евра, во периодот 01.01-20.03.2009 година.
„Движењата во првиот квартал од 2009 година покажуваат дека влошувањето на трендовите во екстерниот сектор е поголемо од очекуваното“, рече Гошев.
Притоа тој нагласи дека НБМ останува подготвена, доколку има потреба, за преземање на дополнителни мерки./крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

