Македонија
Идниот претседател ќе има поддршка од сите институции

Граѓаните се оние кои на 5-ти Април ќе го изберат Претседателот и сметам дека секој што ќе ја добие поддршката на македонските граѓани ја заслужува
Граѓаните се оние кои на 5-ти Април ќе го изберат Претседателот и сметам дека секој што ќе ја добие поддршката на македонските граѓани ја заслужува и соработката од сите други институции.
Ова за Радио Слободна Европа го изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, одговарајќи на прашањето дали владата ќе соработува со кандидатот на СДСМ Љубомир Фрчкоски, доколку победи на изборите.
Шефот на македонската дипломатија го повтори ставот на премиерот Никола Груевски дека конечниот збор во спорот околу името со Грција треба да го дадат граѓаните, истакнувајќи дека е невкусно да се лицитира со додавки на името.
На прашањето дали владата ќе се согласи со некоја додавка, на пример Северна Република Македонија, што би значело членство во НАТО и датум за преговори во ЕУ, доколку одговорноста би ја презел Фрчкоски, Милошоски рече дека треба да се биде принципиелен во однос на спорот со Грција.
“Ова е национално прашање во Македонија и ние цениме дека главниот збор за конечната одлука за каков било можен компромис треба да биде верификуван и потврден од граѓаните на Македонија на референдум. Било какви додавки или придавки, не е вкусно да се лицитира со нив, бидејќи не носи корист”, изјави Милошоски.
Тој наведе дека повеќе влади на Македонија и на Грција работат врз ова прашање многу години, но се покажало дека не е така едноставно да се стигне до тој компромис.
Сметам дека би било реално да се каже дека позицијата на Грција да го негира идентитетот на македонскиот народ ги отежнува преговорите за постигнување компромис. Мислам дека стануваме посвесни, барем тие што сме директно вклучени, дека сме сведоци на една скриена агенда да се подрие идентитетот на нацијата и на јазикот на Македонија, рече Милошоски во интервјуто за Радио Слободна Европа. /крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.