Македонија
Двајца Бугари ограбувале банкомати во Скопје
Македонската полиција приведе двајца бугарски државјани, кои со употреба на фалсификувани платежни картички вршеле подигање на парични средства
Македонската полиција приведе двајца бугарски државјани, кои со употреба на фалсификувани платежни картички вршеле подигање на парични средства од банкомати во Скопје.
Според полицијата, О.В. (25) и К.Д. (25) делата ги вршеле во повеќе наврати во текот на годинава на тој начин што набавувале фалсификувани платежни картици во Бугарија и ги употребувале во Скопје.
Тие од банкомати подигале поголема сума на денари, а подоцна истите парични средства во менувачниците во Скопје ги заменувале во евра и ги носеле во Бугарија.
Сомнителните трансакции со вакви платежни картици биле регистрирани од страна на домашна банка која го пријавила случајот во МВР, по што се превземени мерки за негово расчистување.
Лицата се лоцирани и на 29.03..2009 се приведени во обид да подигнат парични средства со фалсификувани платежни картички од банкомат во Скопје.
По наредба на истражен судија извршени се претреси на лицата, возилото со кое патувале и во хотелската соба каде што престојувале, при што се пронајдени вкупно 37 фалсификувани платежни картички, 153.510 денари и 3.205 евра.
Фалсификатот на платежните картици се состои во тоа што на разни пластични картички (гифт картички, картички за гориво и сл.) им е вметнат магнетнен дел со оригинални податоци за лица странски државјани (германски и австриски државјани) за кои имале сознанија дека имаат поголем кредитен лимит.
Против двете лица ќе биде поднесена кривична пријава, а пронајдените предмети и возилото со кое патувале се привремено одземени и истите заедно со кривичната пријава ќе бидат предадени на истражен судија за понатамошна постапка.
Одделот за организиран криминал презема мерки и активности за утврдување и на други инволвирани лица и нивно санкционирање и утврдување на евентуална инволвираност на овие лица во овој случај. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

