Македонија
Предизборен мониторинг на медиумите

Прелиминарни резултати од мониторинг на медиумите во предизборниот период, ќе соопшти денеска на прес конференција Македонскиот институт за медиуми
Прелиминарни резултати од мониторинг на медиумите во предизборниот период, ќе соопшти денеска на прес конференција Македонскиот институт за медиуми.
Мониторингот е спроведен во рамки на проектот „Начини и форми на известување за изборите во влијателните медиуми во Македонија”.
Како што е соопштено, цел на медиумскиот мониторинг, спроведен од 8. до 20. март, е да се идентификуваат моделите и формите на избор и презентирање информации за изборите од страна на медиумите./крај/с/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ за нападот врз Арсовска: Насилството и дивоградбите не смеат да ја урнат демократијата

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) најостро го осудува нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кој се случил пред полициска станица, во присуство на полиција и пред очите на јавноста.
„Без разлика на политичките разлики или несогласувања, насилството е неприфатливо и мора да биде јасно санкционирано. Овој инцидент го надминува прашањето на лична безбедност, станува збор за напад врз жена во политика, врз носителка на јавна функција и врз институционалниот интегритет.
ДОМ потсетува дека со години се залага за безбедна јавна средина, политичка култура без насилство и поддршка за жените во политика и јавниот живот. Денешниот настан покажува дека тие заложби не се декларативни, туку итно неопходни.
Молкот од институциите во вакви случаи може да значи само охрабрување на насилството и легитимизација на урбаната мафија, која го претвора јавниот простор во Скопје во зона на страв, закани и неказнивост.
Бараме брза, одлучна и транспарентна интервенција од МВР и Јавното обвинителство за ваквите случаи како и за инцидентот со советничката Ирина Витина никогаш повеќе да не се повторат во иднина“, се наведува во соопштението на ДОМ.
Македонија
Националната мрежа против насилство врз жени со најостра осуда за бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најостро го осудува денешниот срамен и недозволив физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи за време на нејзиното извршување на службени обврски
при увид на локација со дивоградба.
„Овој напад претставува флагрантно кршење на човековите права, напад врз достоинството на жената и грубо поткопување на институционалниот интегритет. Тоа е атак не само врз една жена на јавна функција, туку и врз основните темели на правната држава и демократијата. Бараме итна, темелна и непристрасна истрага, како и најстрога санкција за сите вклучени сторители. Државата мора да испрати јасна и недвосмислена порака дека насилството – без разлика врз кого е насочено – е неприфатливо и нема да се толерира“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените.
„Како мрежа која повеќе од една деценија се залага за искоренување на родово базираното насилство, остро алармираме за растечките трендови на говор на омраза, деградација и физички напади врз жени, особено оние кои се активни во политиката и јавниот живот.
Жените политичарки сè почесто се цел на закани, омаловажување и насилство, особено на социјалните мрежи, создавајќи средина на страв и самоцензура.
Резултатите од истражувањето на Националниот демократски институт и Охридскиот институт од 2020 година покажуваат дека 65% од жените во политиката во Македонија доживеале некаков вид на насилство, додека 62% од нив не го пријавиле, поради недоверба во институциите, и покрај нивниот јавен ангажман.
Оваа реалност мора да се промени. Насилството не смее да биде цена што жените ја плаќаат за јавно учество. Потребни се итни системски мерки, силна политичка волја и јавна осуда од сите општествени чинители.
Само преку решителна, гласна и солидарна реакција можеме да изградиме општество во кое секоја жена, без разлика на нејзината позиција, ќе биде безбедна и подеднакво вклучена“, соопшти Националната мрежа против насилство врз жените.
Македонија
Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда, вели Филипче

„Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда. Молкот понекогаш зборува погласно од зборовите“, напиша претседателот на СДСМ, Венко Филипче на социјалните мрежи.
„И не се работи само за напад врз градоначалничката и службениците од Градот. Се работи за тоа дали секој од нас може без страв да се спротивстави на криминалот.
Пораката што власта ја испраќа е дека секој кој ќе се обиде да го обелодени нивниот криминал ќе се соочи со опасност по личната безбедност. Ова е страшно и недозволиво.
За една година безбедносната состојба во државата катастрофално се влоши. Безбедноста на граѓаните, правдата, заштитата од институциите практично не постојат. Ова е нешто што треба сериозно сите да нè загрижи.
Барам итно да се осудат насилниците и барам итно да се поведе постапка против службениците на МВР кои не постапиле и не ги заштитиле претставниците на Градот“, додава Филипче.