Македонија
8 Април неработен ден за Ромите
Вработените лица припадници на ромската заедница во Македонија нема да работат во среда на 8 Април
Вработените лица припадници на ромската заедница во Македонија нема да работат во среда на 8 Април, соопшти денеска
Министерството за труд и социјална политика.
Согласно Законот за празници на Република Македонија, 8 Април (среда), Меѓународниот ден на Ромите, е неработен за граѓаните припадници на ромската заедница во Македонија, се вели во соопштението.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, на сите граѓани припадници на ромската заедница им го честита празникот. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за бегалецот Груби: Не мислам дека ќе добие политички азил, тој на листата на САД не е од политички причини, туку поради криминал
Премиерот Христијан Мицкоски не мисли дека пребеганиот поранешен вицепремиер и министер Артан Груби ќе добие политички азил за да избегне враќање во земјата и соочување со сомневањата за сторен криминал. Одговарајќи на новинарски прашања попладнево, Мицкоски рече дека Груби се најде на црната листа на САД не од политички причини, туку поради сомневања за сторен криминал.
„Лицето е на листата на санкции на САД. Јасно се наведени причините зошто се наоѓа на листата на санкции – поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал, Обвинителството поведе истрага, а судот, како што сум информиран, изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена. Тука не станува збор за политички причини, туку очигледно има нешто поинакво од политиката, односно постои основано сомневање за сторен криминал. Не очекувам дека ќе добие политички азил, но тоа, сепак, е одлука на оние што би влегле во една таква процедура. Јас тука не би можел да додадам или одземам нешто“, рече премиерот Мицкоски.
Поранешниот вицепремиер и министер, Груби, на 9 декември, и ексдиректорот на „Државната лотарија“, Перпарим Бајрами, се најдоа на црната листа на САД.
Пет дена подоцна, на 14 декември, Груби избега од земјата преку граничниот премин Блаце иако првично преку социјалните мрежи тврдеше дека не ја напуштил државата, туку патувал во приватна посета.
На 17 декември Кривичниот суд на двајцата им одреди 30-дневен притвор под сомневање дека направиле финансиски малверзации вредни 501 милион денари, а еден ден подоцна, на 18 декември, МВР издаде меѓународни потерници за двајцата.
Поранешниот директор Бајрами, пак, како што кажа неговиот адвокат Антонио Апостолски, не е во земјата веќе неколку месеци.
Македонија
Финансиската полиција со кривични пријави за даночно затајување
Управата за финансиска полиција, до Oсновното јавно обвинителство Тетово, поднесе кривична пријава против едно физичко лице во својство на сопственик и управител на Друштво за градежништво, трговија и услуги ГРАДБА КОМПАНИ ДООЕЛ с. Ларце, Желино, поради основано сомнение дека сторил кривично дело даночно затајување по член 279 ст.1 од КЗ на РСМ и против истото правно лице, поради основано сомнение за сторено кривично дело даночно затајување по член 279 ст.2 и ст.3 од кривичниот законик.
Првопријавениот Ф. А. во својство на сопственик и управител на второпријавеното правно лице Друштво за градежништво, трговија и услуги ГРАДБА КОМПАНИ ДООЕЛ с. Ларце, Желино, свесно и со однапред утврдена намера, во периодот од 01.01.2019 до 31.12.2023 година, со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе, материјалните средства евидентирани во билансот на состојба како постројки и опрема во вкупна вредност од 12.181.578,00 денари, неосновано ги присвоил за себе и не ги евидентирал во сметководствената евиденција на второпријавениот правен субјект како кусок.
Притоа, првопријавениот во име на второпријавениот правен субјект не пресметал, не пријавил и не платил данок на додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 2.192.684,00 денари.
Второпријавениот правен субјект ГРАДБА КОМПАНИ ДООЕЛ не пресметал, не пријавил и не платил данок на личен доход од 11.11% во име и за сметка на првопријавениот во износ од 1.353.373,00 денари, притоа во текот на 2022 година не ги прикажал како приходи застарените краткорочни обврски кон добавувачи постари од три години во износ од 3.452.355,00 денари, при што не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на вкупен приход по даночна стапка од 1% во износ од 34.523,00 денари.
Со намера да ги прикрие инкриминираните активности, првопријавениот во име на второпријавениот правен субјект изготвил и поднел завршни сметки за 2020, 2021, 2022 и
2023 година до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на РСМ во кои не прикажал деловна активност на пријавениот правен субјект, а обврските се пресликуваат за секоја наредна година.
На тој начин, пријавените затаиле данок на додадена вредност во износ од 2.192.684,00 денари, данок на личен доход во износ од 1.353.373,00 денари и данок на вкупен приход во износ од 34.523,00 денари, со што по сите горенаведени основи го оштетиле буџетот на РСМ во вкупен износ од 3.580.580,00 денари.
Македонија
Мицкоски е директно одговорен, тој и трговците ја подготвија измамата со кошничките, велат од СДСМ
Целосниот дебакл на мерката наречена „новогодишна кошничка“ е резлтат на измамата која ја подготви Мицкоски заедно со трговците. СДСМ на ова јасно предупредуваше и ја разоткри шемата уште кога тој со трговците на маса ја подготвуваше. Токму со амин на Мицкоски, трговците ги качија цените и треба конечно да престане да ги лаже граѓаните. Касно е за префрлање на вината, соопштија од оваа партија.
Од СДСМ додаваат дека сега треба да признае дека тој е автор на оваа огромна кражба на граѓаните во маркетите и дека во договор со трговците е дојдено до оваа ситација.
Тој, како што велат, ги остави намерно и непречено да ги качуваат цените со месеци пред да стапи на сила мерката. А кога стапи на сила мерката цените само се качија а не се намалија.
„СДСМ со месеци укажува на тоа дека Мицкоски и Владата заедно со трговците кројат план и сега тој план конечно се потврди. За ова Мицкоски мора политички да одговара. Какви робусни акции какви глупости најавува Мицкоски кога досега не спроведе ништо? После свадба тапани. Пред само три дена министрите од неговата Влада беа во маркетите и лажеа дека цените се намалени. Сега ќе побара ли Мицкоски одговорност од нив?“, прашуваат од партијата.
Мицкоски, според нив, им слугуваше на неговите бизнис партнери и ги остави граѓаните сами.
Затоа, како што оценуваат цените отидоа до плафон.
„Мицкоски не го прифати предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ на храна и реалните мерки кои ќе ги намалеа цените. Единствена причина што не ги прифати е затоа што не сакаше да има реални мерки, туку пропагандни налепници во маркетите да ги залажува луѓето.
Касно е за правдање сега и префрлање вина на неко друг, вината е кај Мицкоски. Најамалку што може да направи Мицкоски е да им се извини на граѓаните“, се истакнува во реакцијата.