Македонија
Берзата во минус

После минатонеделниот раст на македонскиот индекс на десетте најликвидни компании, во вторникот забележа пад од 2,00 проценти и заврши на 1.944,21
После минатонеделниот раст на македонскиот индекс на десетте најликвидни компании, во вторникот забележа пад од 2,00 проценти и заврши на 1.944,21 индексни поени .
Главните виновници за овој пад на индексот беа акциите на Комерцијална банка која бележеше пад од 6,35 проценти, односно се тргуваше по цена од 2.246,00 денари по акција, како и акциите на Макептрол кои паднаа на 27.227,00 денари односно забележаа пад од 7,54 проценти.
Освен МБИ, во црвената зона се најде и индексот на јавно поседуваните друшта кој заврши со пад од 0,02 проценти. За разлика од нив индексот на обврзниците порасна за минимални 0,18 проценти.
При денешното тргување на домашниот пазар на капитал беше остварен промет од 10.145.532,01 денари. Од овој промет 7.709.646,01 денари се реализира на Официјалниот Пазар кои се остварија од 93 трансакции, додека остатокот од 2.435.886,00 милиони денари се оствари на Редовниот Пазар од 37 трансакции.
Први по обем на тргување на Официјалниот Пазар повторно беа акциите на Алкалоид Скопје, кои направија промет во износ од 1.780.437,00 денари. Се истргуваа 541 акции, по цена од 3.291,01 денари по акција, односно забележеа раст од 1,55 проценти,
Втори по обем беа обврзниците од старото девизно штедење. Се истргуваа 28.940 обврзници по просечна цена од 94,00 проценти од номиналната вредност. Вредноста на тргување со овиа хартии од вредност изнесуваше 1.670.695,86 денари.
Трети по висина на промет на Официјалниот Пазар беа акциите на Стопанска банка Битола со кои се истргуваа 369 акции по просечна цена од 3.000,00 денари од акција и при тоа нивната цена порасна за 3,24 проценти. Вредноста на тргување со овие акции беше 1.107.000,00 денари.
Нагорна промена на овој пазар забележаа акциите на Македонијатурист Скопје кои пораснаа за 13,86 проценти или се тргуваа на цена од 3.300,00 денари. Се истругваа 25 акции, а со нив се оствари промет од 82.500,00 денари.
На Редовниот Пазар како најтргувани акции беа акциите на Тутунска банка Скопје, кои се тргуваа по цена од 4.431,14 денари, односно забележаа пад од 7,42 проценти. Се истргуваа 296 акции, а се оствари промет од 1.311.616,00 денари.
Втори по обем на тргување на овој пазар беа акциите Македонски Телеком кои се тргуваа по цена од 402,00 денари по акција, односно се истргуваа 1.650 акции, а вкупниот промет со нив изнесуваше 663.300,00 денари.
Нагорна промена на овој Пазар забележаа акциите на Арцелормиттал (ЦРМ) Скопје кои се тргуваа по цена од 75,00 денари, односно забележаа пораст од 7,14 проценти. Се истргуваа 260 акции, а се оствари промет од 19.500,00 денари.
Во понеделникот Одборот на директори на Македонска берза донесе одлука за котација на Осмата емисија на обврзници за денационализација почнувајќи од 09.04.2009. Вкупниот износ на емисијата е 23.000.000,00 евра, со номинална вредност од 1 евро по обврзница. Датумот на достасување на обврзницата е е 01.06.2019. Каматната стапка е 2% годишно, а исплатувањето ќе биде еднаш годишно на секој 01.06. почнувајќи од 01.06.2010.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Алкалоид Скопје
2. Р.Македонија-девизни влогови
3. Стопанска банка Битола
4. Тутунска банка Скопје
5. Македонски Телеком
Хартии од вредност со најголем пораст
1. Македонијатурист Скопје 13,86 %
2. Арцелормиттал (ЦРМ) Скопје 7,14%
3. Стопанска банка Битола 3,24%
4. Р.Македонија-денационализација 03 2,27%
5. Топлификација Скопје 2,10%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Макпетрол Скопје 7,54%
2. Тутунска банка Скопје 7,42%
3. Комерцијална банка Скопје 6,35 %
4. УНИ банка Скопје 2,92%
5. Реплек Скопје 0,45%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.