Македонија
Потреба од рестриктивни мерки за излез од кризата
Преставници на македонскиот бизнис сектор, владини институции и меѓународни организации се собраа да дадат предлози и идеи за надминување кризата
Релевантни преставници на македонскиот бизнис сектор, владини институции и меѓународни организации се собраа во средата да дадат предлози и идеи за надминување на кризата, која се повеќе се чувствува како последица на збиднувањата во светот.
Долго време се одбегнуваа јавни дебати за актуелната глобална финансиска криза и нејзините можни ефекти врз Македонија, а одредени изјави одеа во насока дека Македонија како мала земја нема да биде погодена од кризата, па дури и дека може да се извлече одредена полза од тоа.
За разлика од Македонија, повеќето земји во соседството, не само што организираа веднаш јавни дебати за кризата, туку формираа и кризни штабови.
За поздравување е организирањето на трибината под наслов „Пазарните економии под притисок – дали има светлина на крајот од тунелот?“, организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер„ и Европската бизнис асоцијација.
Општа оценка на учесниците на вчерашната дебата е дека Македонија во оваа година најреално е да се очекува дека ќе оствари стапка на раст од еден процент.
Претставниците на бизнис заедницата ја искористија оваа можност да упатат апел до владата за преземање нови мерки за спас на стопанството.
Владата да направи сериозна анализа на целото стопанство при што треба да се утврди кои гранки најсериозно ќе бидат погодени од кризата и како тоа ќе се рефлектира врз стабилноста во државата, побара генералниот директор на штипска „Баргала“, Костадин Барзов.
Тој посочи дека текстилната и кожарската индустрија, како трудоинтензивни гранки го гарантираа социјалниот мир, бидејќи вработуваат над 60.000 лица.
Со цел да се задржи постојниот број на вработени во овие две гранки, Барзов директно побара да бидат ослободени од данок на добивка, да бидат ослободени од плаќање на камати за ненавремено платени придонеси, како да се издвојат стимулации и субвенции како што се прави во земјоделието.
Претставниците на банкарскиот сектор предложија владата да склучи аранжман со ММФ, како и да ја намали јавната потрошувачка.
„Би требало да се склучи соодветен аранжман со ММФ. Тој, би вклучил, освен рационализирање на јавната потрошувачка, мерки во областа на намалувањето на трговскиот дефицит и дефицитот во платниот биланс, за поскапување на луксузниот увоз, стимулирање на извозот, одржување и зголемување на девизните резерви и стабилен курс на денарот, “ рече Хари Костов, прв човек на Комерцијална банка.
Претставникот на ММФ за Македонија Берт ван Селм укажа на потребата од ребаланс на буџетот и намалување на расходите.
Министерот за финансии Трајко Славески истакна дека ќе биде сторено се’ за одбрана на стабилноста на денарот и за економската стабилност во државата.
Истовремено тој укажа на опасност дека Македонија може да влезе во период на дефлација и на стагнација.
Последните статистички податоци покажуваат поразителен пад од 33 насто на трговската размена на Македонија со странство во првите два месеци од годинава. /крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

