Македонија
Матурантите се изборија, годинава нема да бидат екстерно тестирани
Матурантите во Македонија, со дводневни протести се изборија оваа година да бидат ослободени од екстерното тестирање
Матурантите во Македонија, со дводневни протести се изборија оваа година да бидат ослободени од екстерното тестирање.
Стотици матуранти во понеделникот и во вторникот излегоа пред Министерството за образование и наука, како знак на револт поради најавеното екстерно тестирање, за кое што дознаа на почетокот од оваа седмица. Претходно, тие биле известени дека таквото тестирање нема да се однесува на нив.
Екстерното тестирање, кое што ќе се спроведува, како во основните, така и во средните училишта има за цел да ја оцени главно работата на предметните наставници и објективноста на нивното оценување на знаењето на учениците.
Македонските матуранти револтирани од ненадејната одлука на Министерството за образование и наука, и тие да бидат опфатени со таквото тестирање оваа година, сметаат дека биле ненавремено известени и оти нема да имаат доволно време да се подготват.
Извикувајќи пароли пред ресорното Министерство и блокирајќи некои од улиците во градот, матурантите од различни училишта, главно од Скопје посочија дека нивна обврска е да се подготвуваат за задолжителната државна матура, што ќе се полага во месец јуни.
Средношколците, министерот за образование и градоначалникот на Скопје вчера попладне сепак успеаа да се договорат и да донесат заедничка одлука, со која што матурантите оваа година нема да бидат екстерно тестирани.
Наставниците кои предаваат во четврта година ќе бидат проверени преку други форми и методи за да се утврди објективноста на нивното оценување.
Екстерното оценување треба да се спроведе на крајот од годината. Учениците кои на екстерните тестови ќе добијат две оценки пониски од онаа која им ја ставил наставникот, ќе добијат помала крајна оценка, додека наставниците, чии ученици ќе покажат послаби резултати ќе бидат казнети со намалување на платата, а можат да заработат и отказ.
Инаку, проектот за екстерно тестирање се наоѓа пред Уставниот суд, кој што треба да одлучи за неговата уставност по барање на граѓани, кои сметаат дека спорно е што учениците ќе бидат двојно оценувани./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

