Македонија
Влошена деловната положба на компаниите во Македонија

Деловната состојба на претпријатијата во Македонија генерално е влошена, покажа анкетата на Унијата на германските комори за индустрија и трговија
Деловната состојба на претпријатијата во Македонија генерално е влошена, покажа анкетата на Унијата на германските комори за индустрија и трговија, спроведена во соработка со Македонско-германското стопанско здружение.
Околу 86 проценти од анкетираните претпријатија, ја оценуваат својата сегашна деловна состојба како задоволителна или добра. Во споредба со лани, процентот на фирми кои ја оценуваат својата деловна положба како добра, е паднат од 58% на 39%.
Вкупно 41 насто од анкетираните компании се песимисти дека нивната деловна состојба ќе се промени на подобро во однос на 2008, а не постои оптимизам ниту околу позитивниот развој во надворешната трговија меѓу Германија и Македонија.
Но, и покрај тешката моментална ситуација, само 14 насто од претпријатијата, сметаат дека бројката на нивните вработени оваа година ќе се намали.
Овогодишната анкета на Македонско-германското стопанско здружение и претставништвото на германското стопанство, е спроведена меѓу 40 претпријатија.
За учесниците во анкетата особено важно за подобрување на деловното опкружување е да се има ефикасна јавна администрација, правна сигурност, успешна борба против корупцијата и криминалот и исполнување на реформите за членство во ЕУ.
Висок процент од анкетираните компании сметаат дека досегашните мерки на владата за справување со економската криза се незадоволителни и неефикасни.
Здружението е отворено на крајот од 2000-та година и во моментов има 109 членови. /крај/мс/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов сончево и малку посвежо време, од понеделник пораст на температурите

Утре ќе се задржи сончево и топло, а попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Од понеделник ќе продолжи период на стабилно и претежно сончево време со пораст на температурите.
Македонија
Неексплодирана артилериска граната пронајдена кај Калишта, ДЗС апелира да не се поместуваат такви убојни средства

Неексплодирано убојно средство од минатите војни е пронајдено кај село Калишта, при изведба на градежни работи во близина кампот „Рино“ покрај Охридското Езеро, оваа работна недела во реон на Општина Струга.
Пронајдената артилериска граната со калибар 105 мм била од Првата светска војна, што практично била во двор меѓу изградени куќи. Безбедно е подигната и транспортирана до место за нејзино складирање, а потоа и за уништување, од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорги Стефанов.
ДЗС информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при вакви случаи кога ќе се најдат опасни неексплодирани убојни и други средства.
Конкретно, ДЗС апелира дека при прошетки во природата, во случај кога граѓаните ќе пронајдат неексплодирани убојни средства да не ги допираат и поместуваат, туку едноставно да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.
По пријавата, надлежните институции и служби од Системот за управување со кризи, самостојно или комбинирано со стручни лица, ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани, односно да бидат уништени опасните пронајдени работи, согласно конкретните просторни услови, ситуации, а и карактеристики на опасните НУС.
Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.