Македонија
Несогласување во ЕК – безвизен режим во пакет или само за Македонија

Комесарот за проширување Оли Рен и потпретседателот на ЕК Жак Баро влегоа во клинч за тоа дали безвизен режим да биде препорачан во пакет за Балканот
Комесарот за проширување Оли Рен и потпретседателот на ЕК Жак Баро влегоа во клинч за тоа дали безвизен режим да биде препорачан во пакет за Балканот, или само за Македонија, пренесува Макфакс.
Несогласувањето помеѓу комесарот за проширување Оли Рен и потпретседателот на Европската комисија (ЕК) задолжен за правда и внатрешни работи, Жак Баро, е околу одредувањето временски рок за ставање на Србија на позитивната Шенген листа.
Според анонимни дипломатски извори во Брисел, Рен по секоја цена сака да се покрене процедура за визна либерализација со Србија, пред годишните одмори во европските институции, додека Баро врз основа на досега исполнетите услови на земјите од Западен Балкан, е расположен да напише предлог само за Македонија.
Комесарот Рен е свесен какви политички последици би можело да има за целиот регион и неговата стабилност, а особено за Србија, и поради тоа се одлучил да тргне во јавен притисок врз Баро, но и поедини држави членки во ЕУ, кои се резервирани околу брзата визна либерализација.
„Тоа што комесарот Рен постојано го споменува зборот препорака, а не предлог, е многу важно. Во ексклузивна надлежност на ЕК е предлагањето промени на регулативите, директивите и другите акти на ЕУ“, наведуваат извори во Брисел.
Како што се прецизира, иницијативата за ставање на една земја на позитивната шенген листа, се покренува со „предлог на ЕК, а не со препорака“.
Рен може како надлежен комесар за земјите кандидати и потенцијални кандидати, да препорача укинување на визите за нив, но не и да поднесе извештај во т.н. колеџ на ЕК (седница на која учествуваат сите комесари, а со неа раководи претседател на ЕК).
Тоа е ингеренција на комесарот за правосудство и внатрешни работи, односно потпретседателот Баро и неговата Дирекција за правосудство и внатрешни работи, која драфтира текстот на предлогот.
Намерата на Рен е да го примора својот колега Баро, да ги отвори картите, односно да се определи дали ке помогне да се турка пакетот Македонија – Србија – Црна Гора, или ќе прибегне кон итрина да ја блокира Србија, а да ја пропушти Македонија, за која знае дека процедурата ќе трае многу подолго, отколку што тоа би било случај со Србија.
Европската комисија в понеделник треба да го објави извештајот во врска со препораките за укинување на визите./крајд/мс/ег//
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.