Македонија
Владата против манипулација на студентите
Студентите да не бидат манипулирани од политички партии, туку да бидат глас за подобри услови за студирање на Државниот универзитет во Тетово
Студентите да не бидат манипулирани од политички партии, туку да бидат глас за подобри услови за студирање на државниот универзитет во Тетово.
Ова денеска го изјави заменик претседателот на македонската влада Абдилаќим Адеми по повод најавените протести за в четврток на студентите на ДУТ, јавува Макфакс.
Студентите се незадоволни од владината одлука за распределба на средствата за високото образование, со која за Универзитетот финансиите од 50 милиони денари се намалија за 10 милиони.
Адеми посочи дека владата досега има инвестирано многу во Државниот универзитет во Тетово и оти се уште инвестира, но истовремено побара одговорно менаџирање на средствата што се одвојуваат за ДУТ.
„Не можеме да дозволиме од средствата за универзитетот да се финансираат приватни фирми и да се збогатуваат фирмите на поранешниот ректор Сади Беџети“, вели македонскиот вицепремиер.
На новинарско прашање дали станува збор за отворена војна со ДПА, затоа што партијата го освои градоначалничкото место во Тетово, Адеми истакна дека Универзитетот треба да функционира одвоено од општина Тетово.
„Универзитетот има своја автономија. Се финансира од централниот буџет и надлежните институции мора да вршат инспекција за тоа како тие средства се трошат и ова не треба да се сфати како реваншизам или борба меѓу политички партии, туку како контрола како се трошат тие пари“, вели Адеми.
Инспекциите, според вицепремиерот, пронашле нерегуларности во работењето на ДУТ, за кои било наложено да се отстранат, меѓутоа при повторните инспекции било откриено дека проблемите се уште не се отстранети.
Тој потврди дека неколку стотици илјади евра се префрлени од сметката на ДУТ на фирми основани од семејството Беџети. За вицепремиерот овие трансакции се сомнителни./крај/амп/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.

