Македонија
Продолжува нагорниот тренд на МБИ 10
Индексот МБИ-10 кој минатата недела беше во растечки тренд, со исто темпо продолжи и денеска остварувајќи пораст од 4,88%
Индексот МБИ-10 кој минатата недела беше во растечки тренд, со исто темпо продолжи и денеска остварувајќи пораст од 4,88% и вредност од 2.620,92 индексни поени.
МБИД искачувајќи се на ниво од 2.400,71 индексни поени, забележа пораст од 5,00%. Индексот за обврзници ОМБ оствари незначителен пораст од 0,03% позиционирајќи се на ниво од 104,74 индексни поени
Промет од 34.660.067,83 денари се оствари при денешното тргување на Македонската Берза за хартии од вредност, од кои 30.152.998,83 денари на официјалниот пазар. На редовниот пазар прометот изнесуваше 4.507.069,00 денари.
Повторно Акцијата на Комерцијална Банка оствари најголем промет на официјалниот пазар кој изнесуваше 8.612.709,00 денари. Истргувани беа вкупно 3.406 акции со просечна цена од 2.528,69 денари при тоа остварувајќи пораст од 2,28%. Максималната цена која се постигна изнесуваше 2.600,00 денари а минималната 2.488,00 денари.
Државната обврзница за денационализација од осмата емисија оствари промет од 6.472.259,99 денари, а вкупно беа истргувани 139.978 обврзници. Просечната цена минимално опадна за 0,01% и изнесуваше 75,29%.
Акцијата на Стопанска Банка Битола беше меѓу најтргуваните на официјалниот пазар со промет од 4.706.027,00 денари. Интересот за оваа акција се должи на последниот ден на тргување со право на дивиденда кој сеуште не е поминат. Просечната цена изнесуваше 3.511,96 денари што претставува пораст од 1,78%. Вкупно се истргуваа 1.340 акции.
Акцијата на Тутунска Банка оствари промет од 2.484.708,00 денари. Просечната пазарна цена изнесуваше 4.321,00 денари остварувајќи пораст од 0,78%. Вкупно се истргуваа 575 акции. Цената на тргуваните акции се движеше во распон од 4.200,00 денари до 4.350,00 денари.
Македонски Телеком оствари промет од 972.916,00 денари при истргувани 2.529 акции. Просечната цена се зголеми за 1,95% изнесувајќи 384,70 ценари по акција.
Макпетрол објави дивиденден календар во кој го наведува датумот 26.06.2009 како последен ден на тргување со право на дивиденда. За прв ден на тргување без право на дивиденда се утврдува 29.06.2009, а исплатата на дивидендата ќе се врши до 30.09.2009 година. Дивидендата за 2008 година изнесува 1.000,00 денари по акција.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Комерцијална Банка Скопје
2. Р.Македонија – денационализација 08
3. Стопанска Банка Битола
4. Макпетрол Скопје
5. Тутунска Банка Скопје
Хартии од вредност со најголем раст
1. ИЦН-Фарм АД Скопје 33,33%
2. Прилепска Пиварницја Прилеп 32,44%
3. Раде Кончар Скопје 30,96%
4. Централна Кооепративна Банка Скопје 25,00%
5. Попова Кула Демир Капија 12,00%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Витаминка Прилеп 4,41%
2. Р.Македонија – Денационализација 0,01%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.
Македонија
Игор Џамбазов со емотивна порака за четиригодишнината од смртта на неговиот татко
Денес се навршуваат четири години од смртта на маестро Александар Џамбазов, а по тој повод неговиот син, актерот и музичар Игор Џамбазов, сподели длабоко лична и трогателна објава на социјалните мрежи, посветена на својот татко.
Во објавата, Џамбазов открива дел од интимната приказна за човекот кој, како што вели, бил „единствен примерок“, а чие присуство и денес го препознава во сопствениот одраз во огледалото. Текстот е извадок од неговата книга „Облечен човек“ и претставува искрено сведоштво за идентитетот, сенките и величината на еден маестро.
„Денес се навршуваат четири години од заминувањето на мојот татко Александар.
Ова е дел од приказната за него во мојата книга ‘Облечен човек’.
Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него. Особено кога имам на себе неколкудневна брада, јас и изгледам исто како него. И тоа е можно.
До својата 50-та година личев на примероците од ‘велешката сорта’, а оттогаш па наваму, со невидена брзина станувам примерок на ‘штипската крв’.
Татко ми Џамбаз е човек што вреди да го имаш за татко. Единствен примерок.
Татко ми Џамбаз целиот свој живот се жали дека никогаш не бил свој. Секогаш бил во нечија сенка. Се разбира дека тоа не е така.
‘Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?’
Ти си маестро, маестро мој.“
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопштуваат од Авто-мото Сојуз на Македонија. Дополнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри има на планинските премини Ѓавато и Стража.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
-Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај има на патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде што од од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.

