Македонија
Седница за одржлив развој на Македонија
Втора седница на Управниот комитет ма проектот „Поддршка во подготовката на Националната стратегија за одржлив развој на Република Македонија“
Втора седница на Управниот комитет ма проектот „Поддршка во подготовката на Националната стратегија за одржлив развој на Република Македонија“ денеска ќе се одржи во Скопје.
Според најавите, со седницата ќе претседава вицепремиерот, Зоран Ставрески. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Кралството Норвешка и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка – СИДА./макфакс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина неврохирургот проф. д-р Владимир Мирчевски
Денеска почина проф. д-р Владимир Мирчевски, светски признат неврохирург и еден од водечките експерти во својата област.
Од Асоцијација на специјализанти и млади лекари посочија дека смртта на проф. Мирчевски е огромна загуба за целиот здравствен систем.
„Утрово не напушти д-р Владимир Мирчевски, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и долгогодишен специјалист неврохирург, раководител на одделот за детска неврохирургија. Смртта на проф. Мирчевски е огромна загуба за целиот здравствен систем, земајќи ја предвид неговата професионалност и огромно искуство во полето на медицината. Беше специјалист на Лионската школа по неврохирургија, член на Американскиот конгрес на неврохирурзи како и редовен професор на Медицинскиот факултет-Скопје. Изразуваме сочувство до фамилијата и најблиските. Нека почива во мир“, напишаа од Асоцијацијата на социјалните мрежи.
Погребот ќе се изврши во среда 13.11.2024 година, а посмртните останки ќе бидат изложени во 13:00 часот во капела бр.1 на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Македонија
Тошковски на 7. министерска конференција од Будимпештанскиот процес: Земјите треба да бидат целосно јасни во својата миграциска политика
Министерот за внатрешни работи е во посета на Будимпешта каде учествува на 7 Министерска конференција во рамки на Будимпештанскиот процес. Министерот Тошковски се обрати во рамки на сесијата на која министрите го усвоија Планот за акција на Будимпештанскиот процес 2025-2030 кој во себе содржи шест приоритетни цели како спречување на нерегуларна миграција и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе и зајакнување на соработката во областа на граничното управување и зајакнување на постоечките политики и патишта за легална миграција и мобилност.
Министерот Тошковски во своето обраќање потенцираше дека земјите треба да бидат целосно јасни во својата миграциска политика – или ќе имаат отворени граници без никакви рестрикции или ќе стават јасно до знаење кои се условите за престој во нивните земји.
„Јас лично сум во првите редови на поборниците за регионална, мултилатерална, па и интерконтинентална соработка во секоја област. Македонија – за среќа или несреќа – спаѓа во земјите каде што илегалните мигранти, па дури и оние кои поднеле барање односно изјава за намера за поднесување азил, ја напуштаат територијата на земјата во првата дадена прилика. Миграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор. Оваа изјава ја слушаме се почесто и за волја на вистината, успех е што стигнавме и до неа. Беа потребни – еве веќе – десетина години за да се соочиме со фактот дека еден ист предизвик односно неговото справување бара заеднички и униформиран одговор. Пактот за азил и миграција е патот напред и за земјите членки на Унијата, но и за нас, аспирантите кои – кога тогаш – ќе мораме да го спроведуваме или да го осигуриме неговото спроведување.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски на крај изрази надеж и сигурност дека Будимпештанскиот процес ќе продолжи да расте со заземен пристап заснован на почитување на човековите права, со заштита на ранливите лица и спречување на расизам, дискриминација и ксенофобија, а нерегуларната миграција ќе биде една тема од минатото и ќе зборуваме во контекст на успехот што сме го постигнале во нејзино сузбивање.
Mинистерот Тошковски оствари билатерална средба со државниот секретар на Државниот секретаријат за миграција на Швајцарија Кристин Шранер Бургенер. На средбата беше разгледана досегашната успешна соработка помеѓу МВР и министерството за правда и полиција на Швајцација, во борбата против илегалната миграција и криминалот со криумчарење на лица. Врз основа на потпишаниот Меморандум за разбирање меѓу Швајцарскиот федерален совет и нашата влада за воспоставување на партнерство за миграција се разговараше за идните чекори во регулирање на аспекти како реадмисија на државјани, лица без државјанство и државјани на трети земји.
Втора билатерална средба министерот Тошковски оствари со министерот за внатрешни работи на Пакистан, Сајед Мохсин Раза Накви која историски е прва средба на министри за внатрешни работи на Пакистан и Македонија и прва средба со министер на земја на потекло на мигранти.
На средбата министрите изразија надеж за плодна соработка и ги договорија следните чекори за потпишување на договор за реадмисија што е посебно важно бидејќи Пакистан е земја на потекло на миграцијата. На покана на министерот Накви се очекува во следниот период наша делегација да го посети Пакистан со цел институционално регулирање на борбата со нелегалната миграција.
Исто така на маргините на конференцијата Тошковски имаше разговор и со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на која беше договорена средба која би се одржала во Анкара во текот на месец декември, во насока на зајакнување на досегашната успешна соработка.
Македонија
ССНМ остро ги осудува заканите и обидите за замолчување на новинарите
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници остро ги осудува денешните закани, заплашувања и обиди за замолчување насочени кон новинарката на „Сакам да кажам“, Соња Колевска-Делевска, и кон новинарот на телевизијата „Телма“, Срѓан Стојанчов.
Новинарот Стојанчов, по објавувањето текст за кандидатурата на Афрона Верзиволи за избор во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните услуги, во приватна порака добил сериозни закани и заплашувања проследени со пцости од профилот на извесен Фаик Демири, кој се совпаѓа со името на братот на Адријан Демири, сопруг на Верзиволи, и прв човек на разгранокот на Алијансата за Албанците во Липково. Ваквите закани, особено кога доаѓаат од лица блиски на политички или партиски функционери, се недозволиви и претставуваат сериозен обид за замолчување на новинарите, предизвикуваат несигурност и се сериозен потенцијал за автоцензура.
Во вториот случај новинарката Колевска-Делевска, додека ги извршувала секојдневните работни задачи во Собранието, односно му поставувала прашања на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, директно била попречена од пратеникот Драган Ковачки со обвинување дека снима. Иако телефонот на Колевска-Делевска не бил вклучен на снимање (што и не би било чудно за работата на новинар кога поставува прашања), Ковачки продолжил да ја попречува работата и да го извлекува Христовски од разговорот повторувајќи ги обвинувањата.
ССНМ смета дека крајно непрофесионално и недозволиво е избрани лица, кои ги претставуваат граѓаните во Собранието, да се однесуваат на ваков начин со новинарите и тие треба да бидат свесни за потребата од транспарентност и отвореност кон медиумите, а со тоа и кон граѓаните.
Потенцираме дека ваквите навреди и обиди за замолчување новинари се недопустливи во едно демократско општество и се сериозен удар за слободата на медиумите.
ССНМ за овие инциденти ќе ги извести Меѓународната федерација на новинарите и Европската федерација на новинарите, чиј член е.