Македонија
Откриена 13 члена група што се занимавала со лихварство

Македонските власти поднесоа кривична пријава против 13 члена меѓународна група поради основано сомневање за сторено дело лихварство
Македонските власти поднесоа кривична пријава против 13 члена меѓународна група поради основано сомневање за сторено дело лихварство.
Како што соопшти денеска Управа за Финансиска полиција, група од 13 лица од Македонија, Словенија, Хрватска и Соединетите Американски Држави (САД) незаконски склучиле вкупно 369 договори за заеми претежно со физички лица.
Со склучени договори за заем, пријавените лица, искористувајќи ја тешката материјална состојба, недоволното искуство и лекомисленоста на лицата, исплатиле во готово парични средства во вкупен од 34 513 197 денари (560 000 евра) и со тоа се стекнале со несразмерна корист (лихва) во вкупен износ од 58 249 584 денари ( 950 000 евра) и воедно наплатиле наводна провизија од 23 736 387 денари (385 000 евра).
Пријавените лица на дадени заеми пресметувале годишна каматна стапка од 10 до 20 отсто и тоа на зголемена основица односно готовинската исплата која ја добивале заемопримачите зголемена за провизијата за посредување.
На овој начин пријавените лица како заемодаватели во просек наплатувале 68,77 отсто на име провизија од вкупно пласираните заеми. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНАМ очекува до крајот на месецот да ги заврши преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за взаемна поддршка на некои кандидати за градоначалници

ЗНАМ на локлните избори ќе настапи самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници. Со ВМРО-ДПМНЕ преговара за поддршка на кандидатите за градоначалници во некои општини.
Портпаролот на партијата Никола Мемов, рече дека во тек се разговори со нивниот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ и очекуваат тие разговори да завршат кон крајот на месецот.
„Разговараме за повеќе општини, дефинирано е Куманово, неколку општини во Скопје и повеќе помали општини низ цела држава. Кога ќе завршат разговорите, кога ќе го имаме конечниот договор со владиниот партнер, низ процедурите на органите на партијата ќе бидат дефинирани кандидатите и ќе бидат соопштени во јавноста“, изјави Мемов.
Прашан што точно преговараат со ВМРО-ДПМНЕ, односно дали ќе одат со заеднички кандидати, со заеднички листи или пак се преговара за поддршка во втор круг, портпаролот на ЗНАМ изјави дека партијата на овие избори ќе настапи самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници.
„Таму каде што ќе имаме кандидат за градоначалник од ЗНАМ, во договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, тој ќе биде поддржан од нивна страна и тие нема да имаат кандидат во тие општини. Зборуваме за целосна взаемна поддршка на кандидатите уште во првиот круг“, рече Мемов.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на денешната прес конференција информираше и за одлуките на Централниот одбор, во проширен состав, на вчершната седница, меѓу кои едногласна одлука за почеток на вториот бран на активности, под мотото: „Со срце за нашата општина“, како и а отпочнување постапка за евидентирање на кандидати за советници за локалните избори.
„Само чесни и посветени луѓе, со силна морална и етичка основа, ќе го понесат товарот на одговорноста пред државата и граѓаните. Критериумите за истите се јасни и недвосмислени: етички капацитет, јасна заложба за заштита на државните интереси, почитување на сите етнички заедници, посветеност на европските вредности“ рече портпаролот на партијата Никола Мемов.
Најави дека караванот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе го посети секое населено место, ќе влезе во секоја месна заедница и заедно со граѓаните ќе ја напише програмата за локалните избори.
На вчерашната седница, Централниот одбор го назначил Горан Минчев, генералниот секретар на партијата, за шеф на Централниот изборен штаб. Одлука, која како што нагласи Мемов, се темели на резултати.
Мемов на прес конференцијата ги информираше новинарите и за Вториот изборен Конгрес што ќе се одржи за седум дена, на 29 јуни, во недела, а на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, со полн четиригодишен мандат.
Македонија
Вработениот во Народната банка се сомничи дека го зел синиот ранец со пиштолот со кој се убиени Вања и Панче, покрената е истрага

Обвинителството покрена истрага за помагање за З.Д., вработениот во Народната банка, член на партијата на Љупчо Палевски, Десна, кој беше посочен oд Велибор Манев како човекот кој го зел ранецот со пиштолот и моторолите – клучни докази за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени“, велат од Обвинителството.
Се додава дека со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбедил и судски наредби со кои биле извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија.
Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.
Од Обвинителството појаснија дека истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза.
Македонија
Петрушевски: Тоа што Филипче не побара оставка од Акиов е доказ дека тепањето во Кочани е негово сценарио

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека насилството во Советот на Општина Кочани што се случи пред два дена е сценарио за дестабилизација кое што актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче и неговиот претходник, Зоран Заев, го смислиле во Дубаи. Пратеникот Бране Петрушевски рече дека доказ во таа насока е и тоа што Филипче досега не побарал оставка од Акиов.
„Тоа што Филипче не побара оставка од Акиов е доказ дека тепањето во Кочани е негово сценарио. Тепачот на Филипче имаше една единствена цел, да ја разгори омразата во Кочани, која СДС преку партиски прес-конференции и соопштенија со денови ја зовриваат. СДС целно оди кон дестабилизација во Кочани. СДС ја злоупотребува трагедијата и траорот на луѓето, за ситни политички поени. Втората фаза на планот на СДС е да продолжи тензијата во Кочани и да продолжи насилството“, рече Петрушевски.
Акиов и советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов, пред два дена во Советот влегоа во вербална конфронтација по што Акиов замавна со пластично шише полно со вода, кое заврши во главата на вработена во Општината. Акиов потоа преку социјалните мрежи, по насилниот инцидент, порача дека Алексов го испровоцирал целиот настан, и и’ се извини на вработената во општината за ненамерно нанесената повреда.