Македонија
АЦВ спроведува сценарио за уништување на МАТ
Првиот човек на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВ) спроведува мегапроект за уништување на Македонски авиотранспорт (МАТ)
Првиот човек на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВ) спроведува мегапроект за уништување на Македонски авиотранспорт (МАТ).
Ова денеска, на прес конференција, го изјави Живко Груевски, еден од сопствениците на МАТ.
Според него, овој проект не започнал со барањето на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба за поправка на носната нога на авионот на МАТ, туку неколку месеци претходно со потези што требало да го извалкаат угледот на компанијата кај патниците.
Груевски додава дека продолжува да се форсира теоријата дека на Македонија не и треба национален превозник, туку дека тоа можат да го прават и другите компании, со што намерно се сака состојбата да се врати на почетокот на 90-сетите години.
Според него, сервисните активности на единствениот авион од флотата на МАТ треба да завршат до крајот на следната недела, кога се очекува леталото повторно да биде вклучено во сообраќај.
Тој понатаму појасни дека денеска истекол рокот од 30 дена, во кој требало да добијат одлука од Второстепената комисија во врска со жалбата што компанијата ја поднела по одлуката на АЦВ привремено да биде приземјен единствениот авион на компанијата.
„И покрај тоа што баравме по оваа жалба да се одлучува приоритетно, до денес не добивме никаков одговор од Второстепената комисија“, рече Груевски.
Косопственикот на МАТ најави дека тие ќе продолжат со правни средства да се борат за остварување на своите права и додаде дека подготвуваат и кривична пријава против одговорно и надлежно лице за причинување огромна штета на компанијата.
Според него, срамно е во време кога МАТ прославува 15 години од постоењето, околу 200 семејства кои егзистираат од работењето на компанијата, да се најдат во незавидна состојба.
Запрашан во врска со пререгистрацијата на МАТ во нова компанија МАТ ервејз, Груевски рече дека сега главен приритет е спасување на постоечката компанија. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.