Македонија
Димшовски – Боцевски направи колку што му се даде да сработи
Доскорешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски си замина зашто „направи колку што можеше да направи, колку што му се даде да сработи“
Доскорешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски си замина зашто „направи колку што можеше да направи, колку што му се даде да сработи“.
Ова денеска за радио Слободна Европа го изјави државниот секретар во Секретаријатот за евроинтеграции Перо Димшовски, кој ја врши должноста на Боцевски до назначувањето нов вицепремиер за евроинтеграции.
„Ако влегувањето на Македонија во Европа е приоритет на Премиерот, тој така и ќе ја постави работата на владата во овој период”, додаде Димшовски.
Тој прашува отворено дали приоритет на Македонија е членството во Европската Унија, оти, вели јасно е што треба да правиме во практика.
Димшовски предупредува дека во наредните два месеца треба да се донесат четири приоритетни закони за ускладување на македонското со европското законодавство. Тоа се законите за државната администрација, за внатрешни работи, за финансирање на политичките партии и за Собранието.
Доколку тоа не се направи, според него, Македонија ја губи шансата за позитивен извештај за датум за преговори за членство на есен оцени Димшовски, за радио Слободна Европа. /крај/рсе/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски-Куртулмуш: Интензивирање на односите во областите кои се од заедничко значење и важност
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата оствари средба со Нуман Куртулмуш, претседател на Големото национално собрание на Република Турција, кој денеска престојува во официјална посета на земјава.
– Ги потврдивме одличните и пријателски односи со Турција. Ја истакнав заложбата да се интензивира економската и културна соработка, како и интензивирање на односите во областите кои се од заедничко значење и важност, објави Мицкоски на Фејсбук.
Македонија
Тошковски за Денот на настава на турски јазик: Македонскиот и турскиот народ се два блиски народи кои соработуваат и се почитуваат на сите полиња
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес се обрати на свечената манифестација по повод 21 Декември – Ден на наставата на турски јазик во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија. На настанот присуствуваше и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција Нуман Куртулмуш.
Министерот Тошковски во своето обраќање истакна дека во богатиот спектар на ова наше македонско тло, на нашата убава Македонија, турската етничка заедница претставува врзовно ткиво, длабоко фундирано во културниот, историскиот и општествен развој на нашата држава.
„Таа позиција изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект. Македонскиот и турскиот народ се два блиски народи кои соработуваат и се почитуваат на сите полиња, од културно до технолошко.
Оттаму, денешното наше заедничко чествување на Денот на настава на турски јазик, треба да се сфати како одбележување на датум што ја надминува сопствената симболика, како празник кој што безрезервно го заслужува пиететот, почитта и искреното уважување од сите наши граѓани.“, подвлече министерот Тоошковски.
Тошковски го честиташе денешниот празник, Денот на настава на турски јазик, со уверување дека исто како и нашите претходници и ние сегашните генерации ќе им оставиме на оние што ќе дојдат по нас наследство изградено од цврсто заедништво, меѓусебно почитување и партнерство, како темелни вредности на заедничкиот натамошен опстој.
Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој престојува во официјална посета на нашата држава.
На средбата се разговараше за зајакнување на повеќедецениските билатерални односи, интензивирање на економската соработка и продлабочување на соработката меѓу парламентите.
Претседателката изрази благодарност за постојаната поддршка на Турција, нагласувајќи ги пријателските односи и споделувајќи лични и професионални искуства со турски колешки и колеги. Таа се заблагодари за бројните турски проекти и донации во земјава.
Залагајќи се за уште поинтензивни економски односи, претседателката се заложи за иницирање нови инвестиции и зголемување на обемот на трговската размена, стимулирањето на туризмот, како и интензивирањето на образовната и истражувачката академска соработка и размена.
Претседателката посочи дека Турција е и наш докажан сојузник во НАТО, изразувајќи благодарност за сите форми на поддршка, со особен акцент на редовните донации во областа на одбраната, коишто придонесуваат за зајакнување на нашата одбранбена способност.
Претседателката, уште еднаш го честиташе 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, истакнувајќи го значењето на турскиот јазик и култура како дел од македонската мултикултурна ризница и симбол на соживотот меѓу Македонците и Турците.
Претседателот Куртулмуш истакна дека Турција ја препознава нашата држава како искрен и докажан пријател, нагласувајќи го значајниот статус и улогата на турската заедница во неа, што претставува силен доказ за меѓусебната почит и разбирање.
Средбата заврши со обострани заложби за продлабочување на блиските пријателски односи и унапредување на плодната соработка, при што претседателот Куртулмуш со особена чест ја покани Претседателката на официјална посета на Република Турција.