Македонија
Трет потврден случај на новиот грип

Трет случај на новиот тип на вирус А (Х1Н1), е потврден во земјава, соопшти Министерството за здравство
– Трет случај на новиот тип на вирус А (Х1Н1), е потврден во земјава, соопшти Министерството за здравство.
Пациентот, за кој резултатите се добиени со новиот апарат во Институтот за јавно здравје (real time PCR), е примен на Клиниката за инфективни болести пред неколку дена. Пациентот веќе прима терапија со тамифлу и е во добра општа состојба.
Во текот на последните 24 часа на Клиниката е примен на лекување и еден нов случај, сомнителен за новиот тип на вирус (А/H1N1). Пациентот е роден и живее во Германија и на Инфективната клиника е примен со покачена телесна температура и општа изнемоштеност.
Исто така, е завршено лекувањето на вториот пациент, чиј тест беше позитивен од лабораторија во Лондон за присуство на вирусот А(H1N1) и тој вчера е отпуштен од болница во општа добра состојба.
Во моментот на Клиниката се хоспитализирани вкупно 10 пациенти. Здравствената состојба на хоспитализираните лица е стабилна и покажува прогресивно подобрување.
Во тек се лабораториските анализи за четири сомнителни пациенти, примени во последните 48 часа. /крај/со/мс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев и Левица се прочитани и демаскирани, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Апасиев и Левица се прочитани и демаскирани, а нивното глумење скромност, одејќи со велосипед на работа и левичарски активизам, им е само параван за нивните матни зделки, велат од ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.
„Левица и Димитар Апасиев не се грижат за граѓаните и државата, тие се заинтересирани само како да дојдат до деловни простории по багателна цена, на некоја атрактивна локација по центарот на Скопје. А, за да ја постигнат оваа нивна цел не бираат со кого соработуваат. Па така, Апасиев, преку партијата Левица во соработка со извршителите, купил деловни простории од над 400м2 и тоа за три пати пониска од пазарната. Извршителите, по кои плукаше и за кои бараше укинување, очигледно само колку за да собери гласови, сега му станаа најдобри соработници кои му овозможија да дојде до евтин и атрактивен деловен објект. Иако Апасиев и Левица глумеа и тврдеа дека купениот имот е толку евтин затоа што станувало збор за подрумски простории, излезе дека вистината е сосема друга. Деловниот простор кој не бил само подрум, туку и објект со високо приземје, е во сопственост на Зоран Ивановски кој е дел од претседателството на Левица и член на Управниот одбор на Водовод-Скопје. На тоа место, односно на истата адреса каде што се наоѓа овој деловен објект, кој е над земја три-четири метри е регистриран локал, односно друштво за угостителство и услуги Павилјон 36 ДООЕЛ Скопје“, се вели во реакцијата на партијата.
Тука завршува скромноста и пропагандата на Апасиев и луѓето во Левица и нивното глумење револуционери во црни кошули.
„Додека глумат деца на стечајни и чесни работници, нив ги интересира само како преку ноќ, врз грбот на нивните членови, да дојдат до деловни објекти, скапи автомобили и џипови, луксузни одмори по грчките плажи. Апасиев ги лаже членовите и симпатизерите на Левица, им продала лажни демагогии и гол популизам, за тој и неговите соработници да уживаат во лагоден живот со привилегии, локали, скапи автомобили и одмори“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.
Македонија
Денес во Дебар Маало настан по повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски

По повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски, денеска, кај спомен-клупата во Дебар Маало ќе се одржи настанот „Горан е тука“.
Како што стои во соопштението на Општина Центар, на одбележувањето ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“ и ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска – Костовска и Трајанка Илиева – Вељиќ.
Со свои настапи, додаваат, ќе се приклучат и пријатели од неговата младост, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, додека неговиот син Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
-Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.