Македонија
Еден ранет и двајца претепани во пресметка поради рекет
Едно лице од Арачиново е рането со четири истрели од пиштол, а двајца од кумановското село Опае се претепани синоќа во Куманово
Едно лице од Арачиново е рането со четири истрели од пиштол, а двајца од кумановското село Опае се претепани во пресметка што се случила синоќа во Куманово.
Инцидентот, според полицијата се случил синоќа околу 20 часот пред дискотека „Нота Бас“, каде сопствениците на локалот, двајца браќа од селото Опае биле физички нападнати од четворица од Арачиново, кои им барале рекет, а ги нападнале со дрвени стапови и физичка сила.
Помалиот брат Л.О.(19) во помош на постариот Г.О (28), кој бил малтретиран и удиран, влегол во дискотеката, се вратил со пиштол и четири пати го застрелал А.Б.(24) од Арачиново, три пати во ногата и еднаш во стомакот.
Групата од Арачиново по ова избегала заедно со ранетиот, а сопствениците на дискотеката биле пренесени во локалниот Медицински Центар, каде се констатирани тешки телесни повреди-фрактури на раката и телото, по што и двајцата се задржани на лекување, наведува СВР Куманово .
Полицијата ја фатила групата од Арачиново на влезот од нивното село. Ранетиот, полицајците го пренеле во Градската Болница во Скопје, а другите тројца А.С. (20), Д.З.(31) и Ш.М. (34) се приведени.
При увидот на местото на инцидентот се пронајдени три чаури, еден проектил, пет куршуми, една рамка полна со муниција 7,62 мм, стапови но не и пиштолот.
СВР Куманово работи на целосно документирање и расчистување на случајот за што ќе биде поднесена соодветна пријава./крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

