Македонија
Решение за градски аптеки има, уверува Фармакорп
Исплатата на платите и одржување јавен собир на содружниците се единственото решение за Градски аптеки Скопје, рече на денешната прес-конференција
Исплатата на платите и одржување јавен собир на содружниците се единственото решение за Градски аптеки Скопје, рече на денешната прес-конференција, Тодор Костадинов, директор на Градски аптеки Скопје„Г-дин Механџиски две години ја блокира работата на градски аптеки со своите постојани обиди однатре да го уништи единствениот конкурент што го има во Скопје. Сега самиот преговара стечајна постапка за аптеки, што повеќе од смешно е сопственик на компанија истата намерно да се обидува да ја носи во стечај“, рече Костадинов додавајќи дека Фармакорп како доминантен содружник во Градски аптеки Скопје го поддржува протестот на вработените за неисплатени плати.Костадинов појасни дека единствената заложба на Фармакорп е да се овозможи функционирање на Градски аптеки, како фирма која може успешно да стопанисува. „На сметка на ПЗУ Градски аптеки во моментов имаат на сметка околу милион евра. Средства повеќе од доволни да се исплатат заостанатите плати на вработените и повеќе од доволни Градски аптеки да почнат да функционираат. Го повикувам господинот Механџиски да му наложи на својот претставник во Аптеки да стави потпис на налогот за исплати на плати. Станува збор за потрошени триесет секунди за да се заврши оваа ситуација. Потоа да се свртиме сите на единственото решение за состојбата во Градски аптеки со свикување на јавен собир на содружници каде легално ќе се постави директор. Излез од ситуацијата има, и јас нема да дозволам поради нечија суета и план за уништување да се уништат стотици македонски семејства. Се работи за опстанок на Градски аптеки, бренд што постои многу подолго од Зегин и од Фармакорп“, рече Костадинов.Тој додаде дека сопственикот на Зегин, Благој Механџиски извршил силни притисоци врз судиите по што добива пресуди, во најмала рака, чудни , како што вели Костадинов, за да создаде ситуација за лажна криза на фирмата, намерно буткајќи ја во стечај.Костадинов уште еднаш апелираше до Механџиски да ја отповика својата одлука да го повлече управителот за да се потпишат налозите за исплата за заостанатите плати на вработените. На средбата со новинарите беше детално презентирана и хронологија на случувањата во Градски аптеки, проблеми коишто според управителот Костадинов не се новина во дејствувањето на оваа приватна здравствена установа а се во полза на синџирот аптеки „Зегин“ кои се во сопственост на Благој Механџиски. /крај/сфо/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Лимани смета дека назначувањето на владин повереник во Гостивар е незаконско
Вршителот на должност градоначалник на општина Гостивар и кандидатот кој доби најмногу гласови по првиот круг на локални избори, Ваљбон Лимани смета дека назначувањето на владин повереник е незаконско. Тој во одговор на новинарско прашање околу најавите за негова смена смета дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите кои пропаднаа заради слаба излезност.
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, Член 54 и потоа Член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“, вели Лимани и појаснува дека цврсто верува во правната држава и по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
Тој најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Ќе поднесеме инцијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор пак ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крај, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски“, рече Лимани.
Владата најави дека ќе назначи владини повереници во четирите општини во кои локалните избори беа неуспешни затоа што во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус од една третина излезност на гласачите. Се работи за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
Македонија
ТИТАН Усје со поддршка за болницата во Кочани
Во насока на поддршка и унапредување на услугите за граѓаните, ТИТАН Усје обезбеди генератор за Јавната здравствена установа Општа Болница Кочани. Генераторот ќе обезбеди непречено да се извршува здравствената дејност во оваа институција, што е од огромно значење. Истовремено ќе придонесе за подобрување на ефикасноста во работењето, во интерес на граѓаните од овој регион.
Донацијата беше обезбедена по претходна консултација со менаџментот на болницата во Кочани за нивните потреби согласно спецификите на работењето и за потребите на пациентите. Во Кочани донацијата ја предадоа техничкиот директор на компанијата Гоце Цветкоски и Александар Мојсовски, менаџер на погонот за одржување.
„Искрено се надеваме дека на овој начин ќе успееме да придонесеме за подобрување на состојбите, за сите граѓани кои имаат потреба од здравствена услуга да добијат соодветен третман. Ние сите заедно мора да придонесеме за подобрување на состојбите во нашето општество и да обезбедиме поддршка онаму каде што е најпотребна. Ќе продолжиме во таа насока и во иднина„, истакна Цветковски.
Покрај оваа донација, на болницата во Кочани ѝ беше дониран и респиратор, кој беше обезбеден од донации од вработените на компанијата, а беше реализирана и донација за болницата во Штип.

