Македонија
Слаб одзив на протестот против енциклопедијата
Протестот што поради македонската енциклопедија беше најавен за попладнево од вонпарламентарни партии на Албанците ќе го изразат само претставници
Протестот што поради македонската енциклопедија беше најавен за попладнево од вонпарламентарни партии на Албанците ќе го изразат само претставници на партиите без учество на народот.
Ова , како што јави репортерот на Макфакс, го соопштија организаторите на протестот пред седиштето на НДУ, каде се собраа околу триесетина граѓани.
Според лидерот на НДУ Хисни Шаќири, причина за ваквата одлука е тоа што наводно полицијата ги блокирала сите пристапи кон Скопје, така што многу луѓе биле спречени да дојдат на протестот.
„Ова е грубо прекршување на човековите права во една земја која претендира да стане членка на ЕУ и НАТО“, изјави лидерот на НДУ.
Претседателот на ПДП Сефејдин Харуни рече дека енциклопедијата не е повлечена и оти има потреба да се направи заеднички тим, кој ќе работи на нова енциклопедијата.
Претходно, полицијата соопшти дека за обезбедување на протестот се ангажирани редовни полициски сили.
„Резервниот полициски состав не е ангажиран. Протестот ќе биде обезбедуван од редовните полициски сили, долж целата рута, со цел да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир“, изјави за Макфакс, портпаролот на СВР Скопје, Лиза Бендевска.
Протестот на вонпарламентарните партии на Албанците во Макеоднија беше најавен и покрај вчерашната најава на МАНУ дека ќе ја сопре натамошната дистрибуција на „Македонската енциклопедија” и во најкус рок ќе ги коригира оспорените одредници во двотомната публикација.
Албанско-македонските врски и односи, Албанците во Македонија, Али Ахмети, Агресијата врз Македонија, ОНА и Гонџа Агнеза Бојаџиу ќе бидат главните елементи кои ќе бидат корегирани во двотомната публикација, заклучи во средата Претседателството на Академијата.Редакцијата на изданието е задолжена да ги изврши посочените исправки во соработка со членовите на МАНУ од редот на Албанците и со научни работници од редовите на немнозинските заедници во Република Македонија од соодветните научни подрачја./крај/ст/ег/
повеќе фотографии од протестот пред ТЦ Чаирчака тука..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

