Македонија
ХК:МВР се пишмани од предлог законот за кривична постапка

Хелсиншкиот комитет(ХК) во извештајот за септември реагира на „пишманлакот“ на Министерството за внатрешни работи…
Хелсиншкиот комитет(ХК) во извештајот за септември реагира на „пишманлакот“ на Министерството за внатрешни работи по двегодишната работа врз предлог законот за кривична постапка. „Се чини дека МВР како и многу пати досега поаѓа од сопствените интереси и од реформите го прифаќа и имплементира само она што му одговара“, се вели во Извештајот. Комитетот веќе неколку пати реагираше во врска со проблемот на некористење на сите законски овластувања од страна на државните надлежни органи кои им стојат на располагање, во насока на спречување на натамошни повреди на човековите права, материјални и нематеријални исцрпувања на граѓаните. ХК има забелешки и на самоволието на државната администрација, посочувајќи го како пример градоначалникот на Шуто Оризари кој незаконски отпуштил државни службеници, за потоа да вработи свои луѓе. Хелсиншкиот Комитет потсетува и на важноста и потребата од формирање на Национален Превентивен Механизам за мониторирање на места за лишување од слобода, кој треба да биде вистински независен, компетентен и ефикасен во заштитата на човековите права. Во извештајот на ХК за септември има забелешки и за незаинтересираноста на Владата за помош на граѓанскиот сектор. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.