Македонија
ЈСП воведува нови автобуски линии

Нови автобуски линии на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се воведуваат од понеделник, официјално е соопштено.
Нови автобуски линии на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се воведуваат од понеделник, официјално е соопштено. Според најавите, линијата број 3Б ќе сообраќа од Клинички центар до Кванташки пазар, додека линијата 22А ќе сообраќа од Клинички центар кон населба „Даме Груев“. Линијата број 59 Карпош III – гробишта Бутел – населба Кучевишка Бара го задржува постојниот возен ред и траса се до 18.30 часот, а потоа трасата се менува и наместо по улиците Боца Иванова и Гвадалахара, возилата на линијата 59 ќе се движат по улицата Александар Урдаревски (преку пазарчето во Бутел). Возниот ред за новите автобуски линии заинтересираните граѓани може да го прочитаат и на Интернет-порталот на ЈСП www.jsp.com.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Учество на пратеничката Василевска на состанок на Постојаниот комитет на ПССЕ во Малта

Пратеничката Иванка Василевска, во својство на заменик член на Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува во работата на Постојаниот комитет, кој на 23 мај се одржува во Валета, Малта.
Состанокот, на кој учествуваат околу 60 пратеници од 46-те земји-членки, го обележува почетокот на шестмесечното претседателство на Малта со Комитетот на Министрите на Советот на Европа.
Состанокот го отвори претседателот на ПС на СЕ, Теодорос Русопулос, по што следеше поздравен говор од Анџело Фаруџа, претседател на Претставничкиот дом на Малта. Пратениците имаа можност да разменат мислења и со Јан Борг, вицепремиер и министер за надворешни работи и туризам, кои ги претстави приоритеите на малтешкото претседателство: подобрувањето на заштитата на децата и промовирањето на нивните најдобри интереси, потоа борбата против насилството и дискриминацијата и заштитата на човековото достоинство, како и зајакнување на улогата на младите и заштитата на демократијата и владеењето на правото. Тој нагласи дека Малта претседава со Организацијата по четврти пат во нејзината историја и овојпат тоа се случува во годината кога државата ја слави својата 60-годишнина како полноправна членка на Советот на Европа, како и кога се одбележува 75 годишнината од Европската конвенција за човекови права, како прв обврзувачки меѓународен договор што ги вградува правата артикулирани во Универзалната декларација за човекови права и инструмент за заштитата на основните права и слободи на над 700 милиони луѓе на европскиот континент.
Постојаниот комитет усвои мислење за Нацртот на Третиот дополнителен протокол кон Европската конвенција за меѓусебна помош во кривичните прашања, ажурирајќи го постојниот договор што им овозможува на државите да соработуваат во борбата против криминалот. Исто така, се дебатираше и за извештајот за трошоците на Парламентарното собрание за периодот 2026-2027 година.
На состанокот се одржа и тркалезна маса за улогата на пратениците во активното јакнење на младите луѓе, на која беа разгледани начините како парламентите низ Европа можат да им помогнат на младите луѓе да имаат поголем глас во одлуките што ја обликуваат нивната иднина.
Пред почетокот на состанокот, Иванка Василевска учествуваше во работата на групата на Жените на ПС на СЕ – неполитичка, меѓупартиска, неформална платформа отворена за сите пратенички на Парламентарното собрание – на која беше поканета и поранешната претседателка на Малта, Мари-Луиз Колеиро Прека, која исто така беше пратеничка на ПС на СЕ од 2008 до 2013 година. На средбата се дискутираше и беа разменти мислења за поголема вклученост на младите во политиката, за зајакната грижа за децата и поголема родова рамноправност.
Постојаниот комитет дејствува во име на Собранието помеѓу две пленарни сесии и во неговата работа учествуваат претседателот и потпретседателите на Парламентарното собрание, претседателите на вкупно пет политички групи, шефовите на 46 те национални делегации и претседателите на деветте комисии на Асемблејата.
Македонија
Вршителите на енергетски дејности од 29 мај до 30 јуни да поднесат барање за промена на лиценцата

Еден месец имаат рок носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности, вклучувајќи ги и носителите на лиценци за пробна работа да поднесат Барање за промена на лиценца до Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) согласно одредбите од новиот Закон за енергетика, во спротивно лиценцата ќе престане да им важи.
Рокот почнува да важи од 29 мај се до 30 јуни.
„Барањето за промена ќе се смета за уредно доколку биде доставено до архивата на РКЕ, или пратено до официјалната електронска пошта [email protected] или пратено по пошта во наведениот рок при што ќе мора подносителот да достави доказ за приемен датум од пошта на официјалната електронска пошта“, информираат од РКЕ.
За промена на лиценцата по овој основ на носителот не му се наплаќа надоместок за постапката за менување на лиценцата.
Барањето за промена може да се преземе од веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика или во архивата на Регулаторната комисија за енергетика. https://erc.org.mk/page.aspx?id=296
За секоја лиценца се поднесува поединечно Барање за промена, односно не може со еден Образец да се поднесе Барање за промена на повеќе од една лиценца.
Во исто време, РКЕ ги информира сите носители на лиценци за пробна работа дека согласно новиот Закон за енергетика, лиценците за пробна работа ќе може да се продолжат исклучиво заради тестирање на техничките перформанси на енергетскиот објект и влијанието врз енергетскиот систем на којшто е приклучен, други основи не се предвидени. Напоменуваат дека одредбите од новиот Закон за енергетика не предвидуваат привремена лиценца.
Македонија
Мицкоски: Прифативме билатерална средба со Бугарија на маргините на НАТО, со присуство на претставници од ЕУ и САД

Премиерот Христијан Мицкоски откри дека прифатиле да седнат на маса со Бугарија на маргините на НАТО самитот со присуство на високи претставници од ЕУ, НАТО и САД.
Темата за билатералната средба со Бугарија била отворена уште за време на посетата на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Доколку се случи, покрај македонската претседателка Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Радев, би присуствувале и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претставник на САД.
Мицкоски не знае дали Бугарија ја прифатила средбата, но верува дека е добро доколку се случи за да можат да се слушнат аргументите од свете страни.
„Кога ќе бидеме сите на иста маса, колку и да трае тоа, добро е да се разговара“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на заедничката прес-конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.
Мицкоски во обраќањето пред медиумите рече и дека со Калас имале отворен разговор за македонските евроинтеграции. Патот, вели Мицкоски, не беше ни лесен, ни краток, ниту секогаш праведен, поплочен со многу предизвици, компромиси и предолго чекање. Повика на фер третман и доследност од Унијата, коментирајќи и дека сме уморни од постојаните блокади поврзани со билатерални прашања.
Калас, пак, порача дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и треба да ги преземе чекорите за почеток на преговорите. Го пофали усогласувањето со надворешната политика на Унијата, а во однос на механизмите со кои би се деблокирал процесот на преговорите, не сакаше да открие детали. Унијата верува дека планот „А“ за македонските евроинтеграции ќе функционира, истакна таа, прашана зошто за Македонија нема план „Б“, а има за Украина.