Македонија
Учебниците за седмо одделение се печатат

Учебниците за седмо одделение, се пуштени во печатење и треба да бидат готови за десеттина дена.
Учебниците за седмо одделение, се пуштени во печатење и треба да бидат готови за десеттина дена.
Ова во понеделник го изјави министерот за образование и наука, Никола Тодоров, кој нагласи дека е завршена процедурата со Светска банка за нивна набавка.
Набавката на учебниците за средните стручни училишта, која што исто така доцни, според министерот треба набрзо да се комплетира. Во тек е тендер и деновиве треба да се одлучи за изборот на набавувачите.
Министерството за образование и наука (МОН) од оваа учебна година го започна проектот за бесплатни учебници за сите ученици, но нивната набавка за седмо одделение и за средните стручни училишта доцни.
Учебниците, по секоја учебна година треба да се враќаат, но учебниците од прво до трето одделение, и некои од четврто одделение се интерактивни и во нив има голем број содржини што треба да се пополнат во текот на наставата.
„Заради тоа ние во МОН размислуваме да излеземе со нов закон во кој што ќе овозможиме овие учебници да не се враќаат“, рече министерот Тодоров./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани: „Само преку заеднички напори можеме ефикасно да одговориме на глобалните геополитички предизвици“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше воведно обраќање на настанот насловен „Геополитичката слика и проширувањето на Европската Унија: Перспективите на Северна Македонија и другите земји кандидатки од Западен Балкан“, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Во своето обраќање, Муртезани истакна дека политиката на проширување на ЕУ треба да се сфати како геополитичко прашање кое бара конкретни и решителни чекори, особено во контекст на тековните промени во глобалната рамнотежа и растечката геополитичка конкуренција.
Министерот нагласи дека Северна Македонија останува силно посветена на реформите и европските стандарди и покрај долготрајниот пристапен процес.
Тој рече дека успешното интегрирање на земјите од Западен Балкан е од суштинско значење не само за регионалниот мир, туку и за јакнењето на глобалната кредибилност и единство на Европската Унија.
„Во време на длабоки геополитички промени, дијалозите како денешниот добиваат особено значење. Собрани овде на оваа значајна тркалезна маса, со цел да ја разгледаме геополитичката слика и нејзината поврзаност со процесот на европско проширување, неопходно е да потенцираме дека проширувањето не е само бирократски процес, ниту пак само симболичен чин, тоа е пред сè геополитичко прашање. Денес, Европа се соочува со одлуки кои ги надминуваат традиционалните рамки, барајќи стратешка јасност и обновена решителност“.
Додаде дека во овој поширок контекст, Западен Балкан, а посебно Северна Македонија, претставуваат клучни точки на стабилност и стратешка основа за Европа.
„Европската Унија одамна го промовира проширувањето како стратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Но, реториката мора постојано да се претвора во конкретна акција, особено во услови на засилена геополитичка конкуренција. Патот по кој се движи Северна Македонија ја отсликува и надежта и предизвиците на процесот на
проширување. Нашата земја доследно спроведува сеопфатни реформи во управувањето, владеењето на правото и економската отпорност, усогласувајќи се притоа со највисоките стандарди и очекувања на Унијата. Нашата посветеност останува непоколеблива и покрај повремената внатрешна исцрпеност предизвикана од долгогодишната неизвесност“.
Од друга страна, рече Муртезани, неодлучноста или одложувањето ги откриваат ранливостите, со тоа охрабрувајќи алтернативни геополитички наративи и чинители кои имаат за цел да ги поткопаат европското единство и кохезија.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Зошто преговаравте за македонскиот идентитет и јазик, ние ќе сториме сѐ да ја внесеме Македонија во ЕУ

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцираше дека Владата ќе стори сѐ да ја внесе Македонија во ЕУ со македонски идентитет и јазик, а не како „модерни“ Македонци, затоа што се виде дека суштината на Бугарија не е Бугари во Устав, туку да создаде нов „модерен“ македонски идентитет и јазик, нешто на што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше кога се прифаќаше Францускиот предлог.
Премиерот Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Венко Филипче, потсети дека во 2022 година кога се преговараше Францускиот предлог, ВМРО-ДПМНЕ не одби да учествува и тоа, како што рече е лага.
„Јас има прес конференција, некој погрешно ве брифира и ве носи во длабокото. Што се однесува до трите етнички заедници кои ги споменавте, јас немам проблем и 30 да ставиме во Уставот, но имам проблем да разговарам на тема во која некој нас континуирано не негира, континуирано не успорува и го ускратува правото да бидеме тоа што сме. Исто така имам право да се сомневам дека тоа не е последната или не знам која по ред отстапка која треба да ја направиме, а притоа да не ја завршиме трката, повторно по пат нешто ново да ни се случи. Таков е оној предлог за кој зборувавте, Францускиот предлог, кој можеби е единствениот во современа Европа во која членството на една држава во рамките на ЕУ зависи од комисијата која ја толкува историјата, бидејќи јасно стои во Протоколот потпишан од тогашниот министер за надворешни работи дека мора комисијата да ја заврши својата работа пред Македонија да стане членка на ЕУ. И да бевме во тој тим кога се преговараше тој договор, немаше тоа да го прифатиме. Ако е тоа условот, нема да прифатиме“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Во однос на тезите на Филипче и СДСМ за чист македонски јазик и идентитет, премиерот запраша зошто воопшто претходната влада преговарала, ако никој немал право да преговара за тоа.
„Повторувате чист македонски јазик и идентитет, а велите од друга страна никој нема право да преговара, тогаш зошто сте преговарале ако никој нема право? Зошто сте преговарале, за мнозинството граѓани, а не сте ги прашале и знаете дека сте немате услови да го испорачате тоа што сте го преговарале? Тогаш на лидерска средба во Клубот на пратеници ви реков дека ова нема да помине, ако е вака како што е и предложив и две измени за да помине, и бев одбиен“, истакна премиерот Мицкоски.
Воедно премиерот Мицкоски додаде дека нема ништо нелегитимно и ненормално да бараме Македонци да има во Министерски совет кој управува со комитет за етничките прашања каде не се само Ерменци, Роми и Турци, туку и Власи и Евреи, но ги нема Македонците потсетувајќи дека има 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои што велат дека во барем 9 од нив Бугарија треба да дозволи ОМО Илинден Пирин да се регистрира и потоа на следен чекор да предложи свој член во тој Комитет и ако тие велат Бугари во Устав, ние можеме да побараме Македонците да бидат дел од тој Министерски совет кој го води тој Комитет за етничките заедници.
Во однос на Европски парламент, премиерот Мицкоски посочи дека минатите години не е донесен извештај затоа што воопшто не стануваше збор за македонски идентитет и јазик, туку за северно македонски јазик и идентитет, сосема различно од сега каде на три места има македонски идентитет и јазик и е дел од извештајот кој помина на АФЕТ.
„Тука бугарските претставници преку еден европратеник кој излезе во името на неколку групи вклучително ЕНП, Социјалистите каде се СДСМ, Либерали, Зелени, рече да се модифицира македонскиот идентитет и јазик со зборот модерен. Суштината не е Бугари во Устав, туку да се создаде нов, модерен македонски идентитет и јазик. И тоа е суштината на Францускиот предлог, иако предупредувавме. Имаме сега две недели, ќе продолжиме да работиме, сите заедно треба да се обединиме. Така што можам да ви кажам ќе сториме се што е во наша моќ да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како „модерни“ Македонци“, нагласи премиерот Мицкоски.
Македонија
(Видео) Кузеска: Сања Божиновска создаде хаос во енергетиката кој го плаќаат граѓаните

По една година власт на ВМРО-ДПМНЕ и министерувањето на Сања Божиновска во новоформираното Министерство за енергетика, можеме јасно да заклучиме: 0 резултати, 0 реформи, 0 проекти, обвини Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Гледаме е целосен распад на енергетскиот систем, поради неспособноста на Божиновска. ЕСМ како најголем производител на електрична енергија потфрли за цели 35% од планираното производство за 2025 година. Официјалното објаснување е дека планот бил „преамбициозен“, што само го потврдува погрешното управување со секторот. За првпат во последниве 35 години, РЕК Битола не работеше повеќе од седум дена. Во истиот период, РЕК Осломеј од 8 јуни до денес не е вратен на мрежа. Во рудникот Суводол се случи сериозна хаварија – лизгање на јаловинскиот систем, што го загрозува производството и безбедноста на работниците. ТЕЦ Осломеј не се користи за производство, туку за партиски вработувања – на луѓе ставани на списоци преку социјални мрежи“, рече таа.
Според Кузеска, енергетска зависност денеска е повисока од кога било досега.
Кузеска изјави дека во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија увезла повеќе струја отколку во трите години претходно заедно.
Исто така, Кузеска рече дека новото раководство на ЕСМ потрошило една милијарда денари повеќе, а трошоците на претпријатието се зголемени за дополнителни 400 милиони денари.
„Тоа значи поскапа струја која на крајот ја плаќаа граѓаните од својот џеб“, рече Кузеска.
Додека министерката се слика по постројки и објавува промотивни видеа, додаде таа, граѓаните плаќаат поскапа струја, а системот се распаѓа.
„Дали министерката има склучено договор за правни консултации со познат адвокат близок до ВМРО-ДПМНЕ? И која е неговата улога, советничка или посредничка? Се поставува прашањето дали одредени соработки со адвокати укажуваат на постоење коруптивна мрежа во министерството која води директно до министерката? Очекуваме одговори а за ова повеќе информации ќе изнесеме во следниот период“, рече Кузеска и додаде дека министерката Сања Божиновска не е само најслабиот министер во Владата на Мицкоски туку е и симболот за енергетскиот хаос што го живеат и скапо го плаќаат граѓаните.