Македонија
Советот на Карпош за градинка, против албански Институт

Советот на општина Карпош, без присуство на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, на вонредна седница во сабота го изгласа заклучокот со кој се противи на владината одлука објектот на поранешната американска амбасада да му биде доделен на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.
Советот на општина Карпош, без присуство на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, на вонредна седница во сабота го изгласа заклучокот со кој се противи на владината одлука објектот на поранешната американска амбасада да му биде доделен на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.
Станува збор за поранешна градинка која со таа намена работела од 1981 до 1995 година, по што објектот и беше даден на користење на американската амбасада.
Градоначалникот Стевче Јакимовски рече дека вакво однесување на Владата е недозвoливо и дека негова обврска е да ги штити интересите на граѓаните на Карпош.
На гласањето му претходеше жестока дебата помеѓу советниците од позицијата и опозицијата околу итноста на седницата, а непосредно пред гласањето советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.
Тие претходно реагираа дека вонредна седница на Советот се свикува само доколку се случи нешто екстремно и го обвинија градоначалникот за ситен политички маркетинг.
Градоначалникот Јакимовски одговори на овие обвинувањата и истакна дека седницата е оправдана бидејќи Владата решила да им одземе објект што и припаѓа на општината и што бил изграден од парите на граѓаните.
„Станува збор за објект граден според сите сеизмички и безбедносни стандарди. Вистинската намена на овој објект била градинка и бараме повторно да се врати во функција, и Владата требаше да го направи тоа бидејќи тоа е во согласност со законот за децентрализација. Сакаме да бидеме кооперативни и спремни сме за соработка. Треба да седнеме и да се договориме, а не вселувањето на институтот да се врши преку ноќ“, обвини Јакимовски.
Уште во петокот градоначалникот на Карпош реагираше на владината одлука и рече дека местото на Институтот не му е таму. Тој предложи истиот да биде сместен во Музејот на ВМРО каде имало доволно простор за таа намена.
Додека се одржуваше седницата, неколку десетици жители на Карпош се насобраа пред поранешната американска амбасада каде протестираа против вселувањето на Институтот./крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Рајфенштуел: нагласена определбата за спроведување на реформите, и покрај сите предизвици на патот кон ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на средба ги прими Михаел Рајфенштуел, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Во разговорот, Муцунски упати честитки по повод изборот на новата германска Влада, изразувајќи очекување дека стратешкото партнерство и соработката меѓу Северна Македонија и Германија ќе продолжат да се развиваат со засилен интензитет. Притоа беше потенцирана заедничката посветеност кон реализацијата на заедничките приоритети, вклучително и понатамошно унапредување на билатералните односи и економската соработка.
Муцунски изрази благодарност за германската солидарност и поддршка по катастрофалниот пожар во Кочани, како и за понудената помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
На средбата беше заеднички потврдено одличното ниво на македонско-германските односи, кои се карактеризираат со отворен политички дијалог и активна соработка во повеќе области. Беше нагласена и важноста од континуирана германска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија, како и определбата на Владата за спроведување на реформите, и покрај сите предизвици на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Јаневска: Демократското образование создава активни генерации кои се свесни за човековите права и одговорно се однесуваат

Демократијата мора да биде еден од основните столбови на образовниот систем. Образовниот процес е алатка за стекнување вештини и знаења, но мора да насочува и кон критичко размислување, кон развивање на одговорност, свесност за човековите права и обврски, кон конструктивност и почитување.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на завршната работилница „Зајакнување на училиштата за демократско образование – постигнувања и резултати“, во рамки на проектот „Квалитетно образование за сите“ кој Советот на Европа го имплементира од 2023 година, со финансиски средства од СР Германија.
„Драго ми е што Македонија во развој на демократското образование, има за партнери значајни меѓународни фактори кои помагаат во развивање на демократската клима и инклузивноста на училиштата и општините. Сакам искрено да им се заблагодарам. Очекувам искуството кое го стекнаа училишните раководства, наставниците и учениците, да го пренесат и на други училишта и сето тоа да помогне во градење стабилно и мирно општество“, рече Јаневска.
Министерката посочи доколку 25 училишта кои беа дел од двегодишниот проект имаат идентичност во искуствата околу градењето на демократски систем на управување и иновативност од аспект на вклучување на учениците во носењето на одлуки, форми на нивно организирање за остварување на права и слично, тоа би можело да биде интегрирано во постојните законски решенија.
„Како Влада сме отворени за соработка и велиме дека секогаш постои простор за унапредување на образованието, од сите аспекти. Секоја позитивна пракса или иницијатива е добредојдена“, додаде Јаневска.
Македонија
Тошковски: Се соочуваме со нови форми на криминал

Во Центарот за обука на МВР во Идризово се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев, раководството на министерството, министри и членови на дипломатскиот кор.
Јанев во своето обраќање потенцираше дека верува во идејата дека полицијата е чуварот на државата, и дека униформата и значката што полициските службеници ја носат се симбол на гордост, чест и одговорност, а не на моќ.
„Во изминатите десетина месеци докажавме дека институцијата може да биде и праведна, и силна. Го засиливме оперативното работење, го зголемивме нашето присуство, воведовме нови оперативни модели на работа, ја започнавме новата ера преку дигиталната трансформација. Разбиени се криминални банди, нарко мрежи, терористички ќелии, расчистени се децениски нерасчистените убиства, откриени се злосторства поврзани со изнуди, нелегална трговија со луѓе, нелегални игри на среќа, злоупотреби во институции, фалсификувања на пари. Цврсто ја позиционираме македонската полиција на меѓународната мапа, ја издигнавме во искрен, рамноправен и силен партнер на агенциите за спроведување на законот од регионот, Европа и светот, преку заедничко и координирано работење придонесуваме за регионалната и глобалната безбедност.“, нагласи директорот Јанев.
Министерот Тошковски истакна дека да се биде полицаец не значи само да се носи униформа, да се биде полицаец значи да се биде првата линија на одбрана на татковината, гласот на правдата и штитот на обичниот човек.
„Современиот безбедносен контекст е сложен. Се соочуваме со нови форми на криминал, со регионални и глобални предизвици, со корупција, со миграциски притисоци, со растечки безбедносни ризици. Нашата улога денес е поодговорна од било кога.Во изминатиот период покажавме дека знаеме, можеме и мораме да постапуваме ефикасно и одлучно. Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за речиси пет проценти.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот продолжи со презентирање на резултатите на министерството во борба со сите видови криминал и корупција и приближување на услугите до граѓаните.
„Сузбивме четиринаесет организирани криминални групи, од кои најголемиот дел поврзани со трговија со дрога. Започнавме силна борба против корупцијата која целосно го разјадува општеството и се вгнездила во секоја негова пора. Во тој дел бележиме пораст на откривачката функција и тука беа сузбиени две организирани криминални групи со 26 члена од кои едната е од доменот на високата корупција. Во координирана акција, минатиот декември е разбиена една од најопасните поликриминални структури, чии членови учествувале во осум убиства и сериозни закани кон затворски службеници. И во првите месеци од оваа година продолжуваме со исто темпо. Неодамна беше поднесена кривична пријава за злоупотреби во системот за социјални и инвалидски права против четириесет и девет лица.“, беа дел од резултатите на полицијата на кои се осврна Тошковски.
Посебен акцент беше ставен и на трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, во кој МВР по сеопфатна истрага поднесе кривични пријави против седумдесет сторители, сторители, меѓу кои има актуелни и поранешни министри, градоначалници, раководители, полициски службеници и други носители на одговорност, без заштита, без селективност, без двоумење.
Тошковски на крај зборуваше и за постојаните реформи кои се случуваат во МВР, воведувањето нови услуги, набавките на нова опрема, нови униформи, нови возила, тенденцијата на зголемување на платите во полицијата, проектот „Безбеден град“ и отвореноста на полицијата како институција која чекори со граѓаните, рамо до рамо.
По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени плакети и благодарници на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности, институции и дипломатски претставништва во државата.
По настанот, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.