Македонија
Хорор филмовите – инспирација на серискиот убиец
Холивудскиот хорор филм „Candyman“ во кој маж со остра рѓосана кука касапи жени, била инспирацијата на Виктор Карамарков, кој своите жртви ги бирал како ликот Расколников од култното дело „Злосторство и Казна“ на Фјодор Достоевски.
Холивудскиот хорор филм „Candyman“ во кој маж со остра рѓосана кука касапи жени, била инспирацијата на Виктор Карамарков, кој своите жртви ги бирал како ликот Расколников од култното дело „Злосторство и Казна“ на Фјодор Достоевски. Осомничениот сериски убиец Виктор Карамарков (28), во неговата населба Ѓорче Петров 2 за соседите од поодамна е познат под прекар од хоророт „Candyman“- Шеќерко .„Да, многу добро го познавам Виктор или како што уште го викаме „Шеќерко“, по некој си стар хорор филм кој како што велат децата му бил омилен“, вели еден постар сосед на семејството Карамарков. Полициската истрага за убиствата на четирите постари жени, што му се припишуваат на Карамарков, официјално започнала веднаш по првото убиство кое се случи на втори март годинава, под кодно име „Расколников“. Според полициски извори вклучени во истрагата поврзаноста на Виктор Карамарков со култниот лик од делото на Достоевски, излегла на виделина во текот на истрагата, кога било утврдено дека осомничениот сериски убиец има профил на високо интелигентен маж, чиј омилен лик бил Расколников. Соседите на Виктор се единствени во констатацијата дека се уште не можат да поверуваат дека „интелигентното момче кое не газеше на мравка ги извршило грозоморните убиства“. „Подобро дете од Виктор немаше во целата населба. Го држев во своите раце уште како бебе. Го познавам премногу добро и не верувам дека тој можел да ги изврши убиствата“, вели негов близок сосед, кој инсистираше да остане анонимен. Соседите исто така се едногласни дека Виктор се издвојувал од другите деца според високиот степен на интелегенција и почитувањето кон постарите лица. „Целиот негов живот се испретумба по враќањето од војска, кога почна да се дрогира и да краде“, вели анонимен сосед.Тоа време почнале поплаките од соседите, кои пријавувале во полиција дека им недостасуваат предмети од домовите и дворовите, но никогаш доказите не воделе кон Виктор. Близок до семејството раскажува дека во една прилика Виктор се појавил на неговата врата, со здравствена книшка во раката барајки пари за лекување на неговата болна мајка. Измамениот го пуштил Виктор во својот дом и додека му давал симболична сума на Карамарков, тврди дека му украл фото апарат и видео камера. Пријателите на измамениот неколку дена по настанато го барале Виктор низ градот, со цел во најмала рака барем да си го добијат назад снимениот материјал, но разбрале дека камерите биле продадени за „смешна сума“. Виктор често „оперирал“ во градскиот парк во Скопје, каде според очевидци пресретнувал млади лица, физички послаби од него од кои изнудувал пари и предмети кои потоа ги препродавал за да купи дрога. Во еден таков инцидент, Виктор бил претепан од жртвите што имал намера да ги ограби и откако бил приведен од полицијата неуспешно се обидел да избега од полициското комбе. „Таков човек треба да лежи во затвор“ – вели нашиот извор чиј идентитет сакаше да не биде откриен. Се погласни тој период станувале и кавгите со мајка му, за која соседите тврдат дека Виктор ја тепал. „Тврдам дека не е точно оти бил малтретиран од својата мајка. Напротив ми личеше дека таа е жртвата. Се што имаше во домот продаде за да го спаси својот син од дрогата. Три пати го однесе Виктор на лекување во Центарот за одвикнување од зависности во Кисела Вода“, вели еден од соседите. Истиот сосед додава дека ноќта кога полицијата го уапсила Виктор Карамарков по последното од серијата убиства на постари жени, токму неговата мајка ги повикала Алфите за да го уапсат. Друг сосед вели дека доколку Виктор се развивал во нормално семејство сигурно денес ќе бил научник, а не зависник од дрога и ситен криминалец кој завршил како осомничен сериски убиец. „Со мои очи го имам видено Виктор како се дрогира со иглата в раце. Познати ми се голем број негови кражби, кои ги вршеше со години наназад. Последен пат го видов пред неколку месеци кога дознав дека ретко навраќа дома и преспива во социјалните станови кои неделава беа предадени на социјално загрозените лица“, вели еден од соседите на Карамарков. Индиректна причина за убиствата и целокупното однесување на серискиот убиец Виктор Карамарков, според психологот Станислав Петковски веројатно е осаменоста. „Осаменоста предизвикува такви појави, секоја болка двојно повеќе ја чувствува. Од друга страна растел само со самохрана мајка во специфични околности. Значи немало балансирање помеѓу друг родител. Фактот дека напаѓал постари, немоќни жени, потврдува дека некаде има бес кон женски родител“, појаснува за Макфакс, клиничкиот психолог Станислав Петковски. Според него, убиствата и останатите криминални активности што ги извршил Карамарков, веројатно не би се случиле доколку тој бил опкружен со нормално друштво. „Но еднаш кога ќе се влезе во криминалните води нема враќање“, смета Петковски.„Првото убиство е импресионирачко, сигурно бил шокиран дека воопшто може да го изврши, второто повторно го извршил за да види дали може, додека третото веќе е рутина“, појаснува психологот. Петковски смета дека Карамарков убиствата не ги правел импулсивно, а доколку останел на слобода веројатно ќе продолжел да убива. Имињата на сите извори се познати на редакцијата Макфакс./крај/редакција Макфакс Предходна сторија: Виктор Карамарков е осомничен за четирите убиства Фотографии тука>>
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

