Македонија
942 лица се лекуваат на инфективните одделенија во земјава

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 942 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 131 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 87 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 98 болни, а во Куманово 97 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 90 пациенти, во Прилеп 91, во ковид-центарот во Гостивар 31, а во Струга 25 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 116 пациенти, во Кочани 30 во Кичево 32, Кавадарци 54, а во Гевгелија 20 лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 1581 и има околу 440 празни болнички кревети во ковид центрите, информира Mинистерството за здравство.
Од таму дообјаснуваат дека во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во писменото известување од страна на ова министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.
Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.
Македонија
„Корумпираната држава ни ги украде децата“, потресни сцени на маршот во Кочани

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно одржаа марш во Кочани. Повторно се гледаа солзи, тишина и болка, а поворката ја следеа фотографии на загинатите кои нивните родители ги носеа во рацете.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата“, пишуваше на еден од транспарентите.
Слична порака се појави и на друг транспарент: „Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива.“
Особено емотивен момент предизвика Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден се совпадна со маршот.
„Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите“, порача таа, оставајќи длабока тишина меѓу присутните.
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на младите кои повеќе не се меѓу живите.
Овој марш уште еднаш ја отвори болната тема за безбедноста, одговорноста на институциите и вечната битка на родителите – правдата за своите деца.