Македонија
Малешевската приказна патоказ за успешен алтернативен туризам
Затскриено во падините на Малешевските планини, Берово и околината викендов беше домаќин на десетици гости, решени токму од таму да го започнат развојот на алтернативниот туризам во земјава
Затскриено во падините на Малешевските планини, Берово и околината викендов беше домаќин на десетици гости, решени токму од таму да го започнат развојот на алтернативниот туризам во земјава.
Иницијатор на идејата е Асоцијацијата за балканскиот алтернативен туризам – Балканија во која покрај Македонија, членуваат Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Косово, Црна Гора, БиХ и Италија.
Балканија викендов за прв пат организираше Форум за алтернативен туризам, во рамки на кој Берово е одбрано како почетна дестинација од Македонија, токму поради одличните предуслови за развој на ваквиот тип туризам.
Гостите учесници на форумот, меѓу кои имаше претставници и од соседните земји, посетувајќи го ова мало македонско градче, беа единствени во заклучоците, дека тоа безусловно ги поседува сите предуслови за развој на алтернативниот туризам.
Единствен е впечатокот дека Берово заедно со Малешевијата е успешна приказна поради еколошки богатиот потенцијал, шумите, воздушната бања, гастрономската понуда, но и традиционалниот начин на живеењето на локалните жители, од кои дел се уште се занимаваат со старите занаети.
„Берово има одлични предуслови да биде успешна приказна, бидејќи има амбиент со душа, одлична органска храна, автентична архитектура, музика, носии..“, истакна претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, за време на престојот во Берово. Истакнувајќи ги убавините на целата околина, таа истовремено апелираше да не се направи грешка како што е случајот со Охрид, „кој е нагрден од градбите бидејќи без знаење се инвестира во туризмот“.
Во овој контекст, Поповска но и останатите истапија со особено пофални зборови за хотелот „Манастир“ во Берово, кој без сомнение е пример за добра инвестиција во која преку спој на модерното и традиционалното се негува духот на Малешевијата.
Лоциран до манастирот Свети Архангел Михаил, комплексот изобилува со етно елементи, рустичен стил, но и чардак во ориентален стил, кои целосно нудат пријатен амбиент, а дополнување е традиционалната храна, како и останатите можности за анимација на посетителите.
Предиспозициите на Берово за идна туристичка дестинација, ги забележале и сопствениците на туристичката агенција Аурора, кои над Беровското езеро инвестираат во хотелски комплекс вреден четири милиони евра.Се работи за домашна инвестиција, која се очекува да прерасне во луксузна дестинација, во која меѓутоа ќе биде задржана традицијата.
Присутните на форумот, разговарајќи за убавините и предностите на Берово, сепак се сложија и околу констатацијата дека во градот но и околината треба уште многу да се инвестира за ефектот да биде комплетен.
Тука најпрво се мисли на проблематичната инфраструктура, која со децении не е обновена, а своевиден хендикеп е и отворањето на граничниот премин кон Бугарија, Клепало, кој одамна е завршен од македонска, но не и од бугарска страна.
Токму овие забелешки беа и дел од заклучоците на Форумот на Балканија, чиј претседател Владимир Србиновски, упати апел како до локалната така и до централната власт да се ангажира околу заживувањето на регионот.
Целокупниот впечаток на учесниците сепак е дека земјава треба да инвестира во развојот на туризмот. Поткрепа на ваквото тврдење е и информацијата на директорот на државната Агенција за подршка и промоција на туризмот во Македонија, Зоран Стрезовски, дека и во година на економска криза, Македонија успеала да профитира од туризмот.
„Во првите девет месеци од годинава бројот на туристи во земјава е зголемен за 7,3 насто, а бројот на ноќевања е зголемен за 9,3 отсто“, рече Стрезовски. /крај/мс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

