Македонија
Граѓански марш за толеранција во Скопје

Граѓански марш за толеранција на маргинализираните групи во Македонија ќе се одржи во понеделник во Скопје по повод светскиот ден на толеранцијата
Граѓански марш за толеранција на маргинализираните групи во Македонија ќе се одржи во понеделник во Скопје по повод светскиот ден на толеранцијата.
Маршот, како што денеска најавија организаторите ќе започне во 11 часот и 55 минути од Музејот на Град Скопје, низ улицата Македонија, а ќе заврши на Плоштадот Македонија.
Граѓанскиот марш кој ќе трае еден час, е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Групата на граѓани „Кју“, и невладините организации „Плоштад слобода “ и „Цивил“.
Организаторите велат дека од маршот ќе биде упатен апел до владата на Македонија да го донесе законот за спречување и заштита од дискриминација што побрзо, и ги повикаа граѓаните на Македонија да ја поддржат оваа иницијатива со своето присуство.
Својата поддршка за маршот ја искажа и дипломатскиот кор на Македонија кој и го најавил своето присуство, а потврдено е и присуството на Народниот правобранител.
Маршот е поддржан и од полициската станица – Беко која ќе се погрижи за обезбедувањето.
„Повеќе од задоцнето е донесувањето на законот за заштита од дискриминација во Македонија“ изјави Џабир Дерала од „Цивил“.
„Човековите права не значат безгранична слобода на сите. Мојата слобода и моите права, завршуваат на границата на туѓата слобода и туѓите права. Што се однесува до законот кој е во фаза на донесување, многу е важно да има независен механизам кој ќе работи на негово имплементирање и мониторинг “ додаде Кочо Андоновски, од здружението Кју.
Маршот деновиве го поздрави и меѓународната организација за човекови права Амнести Интернешенал./крај/сл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На диво изградил 22 бетонски столба во Гостивар, а градежниот инспектор не го сопрел, двајцата добија кривични пријави

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С. С. (35) од с. Речане, Гостиварско, под сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, и против В. Р. (42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
„Во март 2025 во гостиварска населба, првопријавениот, во својство на сопственик на објект во изградба, изградил 22 бетонски столба, без да поседува соодветна дозвола издадена од надлежен орган. А второпријавениот, овластен градежен инспектор при Општина Гостивар, по доставена пријава од МВР поради сомнение за сторено кривично дело, не излегол на терен и не извршил увид на градбата“, соопшти МВР.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава и против А. Е. (44) од Гостивар за бесправно градење оти во текот на февруари 2025 година во населба во Гостивар, на парцела сопственост на друго лице, изградил приземје и кат без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Македонија
Странска акредитирана лабораторија да направи испитувања на квалитетот на воздухот, на водата и на почвата, бара Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање укажа дека по пожарите во депониите Дрисла и Вардариште, и последниот во Трубарево, потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата, од страна на странска акредитирана лабораторија.
Филипче предупреди дека мора да се направи испитување на квалитетот на водата за пиење.
„Сите изотопи кои што не се растворливи во вода ќе се детектираат. И тоа сметам дека час поскоро треба да го направи некоја странска акредитирана лабораторија, да не сведочиме на овие смешни изговори на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче.
Овие анализи, како што кажа Филипче, се важни бидејќи по вакви пожари постои ризик да е загадена почвата каде што има земјоделски производи.
„Треба да се измери количината на диоксини, на фурани, на јаглеводородни честички во воздухот, не само на ПМ честичките. Треба да се испита количеството на тешки метали во земјата – никел, кадмиум, олово. Зошто е тоа важно? Поради тоа што можат тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана“, рече Филипче.
За во иднина да се спречи нова еколошка катастрофа, Филипче нагласи дека е потребна итна детална анализа на сите институции и на сите депонии кои што работат во земјава. Ова, како што рече, е важно за да се превенира евентуална следна криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што се случува во тој сектор. Што направи Владата по тоа прашање? Ништо“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Почна процесот за заштита на македонскиот рубин: „национално богатство единствено во Европа“

Денес, по иницијатива и залагање на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, почна сериозен институционален процес за заштита на македонскиот рубин – геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и во Мариово и е единствениот рубин во Европа што природно се вади и обработува.
На состанокот меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа дефинирани конкретни чекори за да се обезбеди официјален статус на македонскиот рубин како заштитено национално минерално наследство. Геолошкиот завод ги запозна присутните со веќе изработената анализа за правната заштита, која ќе биде надополнета во согласност со новите податоци, а дополнително беше истакната и потребата од поширока институционална координација.
На средбата присуствуваше и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин – Деко, кој ги пренесе историјата и значењето на секој примерок изработен со овој исклучителен камен.
Министерката Сања Божиновска порача:
„Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост“.
Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розова боја, која се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа, кој се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, тој претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост.