Македонија
Цените на бензините непроменети
Малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија остануваат непроменети, а за половина денар се намалува цената на екстра лесното масло за домаќинство
Малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија остануваат непроменети, а за половина денар се намалува цената на екстра лесното масло за домаќинство.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 останува 63,00 ден/лит, на ЕУРОСУПЕР БС-98 – 64,50 ден/лит и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) – 50,50 ден/лит.
Цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалува за 0,50 ден/лит и од ноќеска на полноќ ќе се продава за 39,00 ден/лит.
Мазутот М-1 НС се намалува за 0,256 денари/кг на М-1 НС изнесува 29,290 ден/кг. /крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хелсиншкиот комитет: Правдата за Кочани мора да биде навремена, целосна и транспарентна
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи судската постапка поврзана со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Основниот кривичен суд го закажа почетокот на главната расправа за 19 ноември, во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, информираат од таму.
Обвинителниот акт, како што појаснуваат, опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.
Од Комитетот изразуваат поддршка на семејствата на загинатите, кои на 15 ноември, (сабота) најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе почне на Плоштад Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд.
„Граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување на незадоволство и на потсетување дека правдата не смее да биде одложена. Таа треба да е достапна за сите, без разлика на позицијата и влијанието на обвинетите. Правдата за Кочани е правда за сите нас“.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Кадровските промени доцнат во СДС затоа што никој не сака да биде дел од губитничкиот тим на Филипче
Кадровските промени доцнат во СДС затоа што никој не сака да биде дел од губитничкиот тим на Филипче. Ароганцијата, предавствата и лошите политики кои ги водеше Филипче, заедно со неговите претходници Ковачевски и Заев, им се удрија од глава, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Видни големи поддржувачи на СДС, според информациите кои стигнаа до нас, одбиле да бидат дел од раководството на СДС, само затоа што не сакале да бидат дел од партијата која некогаш беше државотворна партија, а сега спадна на едвај 120 илјади гласови, за кои заслужен е директно Венко Филипче, а и неговите претходници Ковачевски и Зоран Заев“.
Дел од овие луѓе со кои Филипче се има видено изминатиов период, нагласи Манасиевски, не сакале да бидат дел од раководството на СДС, само затоа што не го гледаат Филипче како нивен предводник во СДС.
Очигледно е, вели тој, дека во СДС има проблем во делот на консолидација, а тој проблем е директно Венко Филипче.
„Единствено решение и излез од ситуацијата во која се наоѓа СДС е Филипче да си поднесе оставка, а СДС да почне со внатрешни реформи“.
Македонија
Изнервирана затоа што бебето плачело, го удирала со раце и тупаници по устата и носот: Обвинителството поведе истрага против мајката
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во ‘Ржаничино, која е осомничена за запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 ноември во вечерните часови таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со рацете и со тупаници по устата и носот нанесувајќи му повреди со крвавење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот во кој престојувала осомничената и уште една пријателка, кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време констатирано е дека осомничената од раѓањето не го однела детето ниту на лекарски преглед ниту на вакцинација, меѓу другото, со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред сè, поради опасноста од бегство. Детето жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.

