Македонија
ИК Банка одобри кредит за ТАВ Холдинг
Кредит од 10 милиони евра за ТАВ Холдинг, кој треба да го преземе управувањето на скопскиот и охридскиот аеродром и да изгради аеродром во Штип, одобри групацијата на која и припаѓа македонската ИК банка
Кредит од 10 милиони евра за ТАВ Холдинг, кој треба да го преземе управувањето на скопскиот и охридскиот аеродром и да изгради аеродром во Штип, одобри групацијата на која и припаѓа македонската ИК банка.
Банката во петок соопшти дека , групацијата на која припаѓа обезбеди кредити од 10 милиони евра за ТАВ, како пред-финансирање на нивниот проект во Македонија.
Како што се наведува главниот акционер на ИК Банка, Demir-Halk (Nederland) H.V. исплати 8 милиони евра, a 2 милиони евра беа исплатени од ИК Банка.
Турската компанија, по две одложувања, треба да започне со модернизација на аеродромите во Македонија во март идната година.
ТАВ холдинг на тендер ги доби македонските аеродроми под концесија во траење од 20 години и во нив треба да инвестира 200 милиони евра. /крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„На државата ѝ недостигаат добри хотели“ – Николоски бара поедноставување на процедурите за градба
На државата ѝ недостигаат добри хотели и време е да ја поедноставиме процедурата за нивна изградба, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на трибината „Автопат Е-75: Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“.
Тој нагласи дека државата треба да размислува стратешки како да привлече инвеститори во изградба на хотели, особено во заштитените подрачја, каде што, според него, бирократските процедури речиси го оневозможуваат развојот на туризмот.
„Во моментов сме во една ситуција кога е комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, посебно во заштитените подрачја. Практично невозможно е да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема хотели со пет звезди или има ограничување во висините. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Во ред е да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја ослениме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и за долж коридор 10”, истакна вицепремиерот.
Николоски потсети дека Македонија е меѓу ретките држави со двоцифрен раст на туристи, а за само една година се воведени 21 нови директни авиолинии од европски метрополи.
„Минатата година преку Македонија транзитираа повеќе од 10 милиони патници. Ова покажува дека Владата е посветена на развојот на туризмот,“ истакна вицепремиерот.
Тој го нагласи значењето на Коридор 10 како европски транспортен правец низ кој минуваат транзит туристи, но и потенцијалот тие да се задржуваат подолго во земјата.
Меѓу проектите кои треба да придонесат за тоа, Николоски ги спомена брзата пруга, винскиот туризам, археолошките локалитети и урбанистичкото решение за Стоби.
„Од центар на Скопје до центар на Солун ќе патуваме со воз за час и дваесет минути. Со тоа ќе се зголеми искористеноста на железницата и туристичкиот потенцијал на Коридор 10,“ рече Николоски, додавајќи дека Владата ја финансира изработката на урбанистичкиот план за археолошкиот локалитет Стоби.
Тој додаде дека винската индустрија и малите винарии во Тиквешијата стануваат се попосетени, и дека Владата ги поддржува земјоделците како дел од стратегијата за развој на винскиот туризам.
Вицепремиерот повтори дека туристичкиот потенцијал на Македонија не е искористен ниту 10 отсто, но дека државата има шанса да стане центар на транзитниот и културниот туризам во регионот.
На трибината, организирана од Министерството за култура и туризам, свое видување дадоа и министерот Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
Македонија
Хуманитарен базар „Симит и погача“ во Дебар Маало
Општина Центар, по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје, го организира „Фестивалот на симит и погача во срцето на Скопје“, кој ќе се одржи пред муралот на Горан Стефановски во Дебар Маало, утре во 10:30 часот.
На хуманитарниот базар посетителите ќе можат да ја дегустираат познатата скопска симит погача, препознатлив симбол на локалната традиција, како и други домашни специјалитети подготвени од Активот на жени пензионерки од Центар.
Во програмата се вклучени пензионерите од Здружението на пензионери на Општина Центар, учениците од основните училишта, членови на Сојузот на борци и претставници од културата и уметноста.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги покани граѓаните да се приклучат на настанот.
„Фестивалот на симит и погача е посветен на нашето Скопје, но пред се на човечноста. Средствата собрани од хуманитарниот базар ќе бидат донирани за Здружението „Супорт Кочани“. Ги поканувам сите да дојдат, да вкусат дел од центарската традиција и домашната храна и да придонесат за една хумана цел,“ порача Герасимовски.
Македонија
Новите цени на струјата од РКЕ ќе се знаат на почеток на декември: МЕПСО бара поскапување од 0,67 %
До крајот на месецов или на почетокот на декември Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги знае цените за струјата кои се во нејзина надлежност. Барањата на компаниите се веќе доставени до РКЕ.
„Компаниите ги доставија барањата уште во текот на октомври. МЕПСО побара некое минимално зголемување од 0,67% за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не ни побара зголемување, а Електродистрибуција нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија кои што имаат исклучително големо влијание на цената на електрична енергија. Кон крајот на овој месец, почетокот на следниот ќе ги знаеме цените коишто ги определува РКЕ, тоа е за пренос и за дистрибуција на електрична енергија и тука не верувам дека ќе има какви било поместувања, а понатака по завршувањето на тендерот за универзалниот снабдувач согласно новиот Закон за енергетика ЕВХ Хоум ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Во периодот што следи, кога потрошувачката електрична енергија се зголемува, директорот на МЕПСО Александар Пауновски вели дека граѓаните можат да бидат спокојни по прашањето за големи испади.
„Имаме голем број активни проекти кои што во моментов се реализираат, еден од нив е 110 киловолтниот далновод Прилеп-Битола. Исто така во тек е продолжување на договорот за реализација на интерконекцијата помеѓу Македонија и Албанија и секако во исто време го очекуваме и реакторот за реактивна енергија кој што би требало да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница Дуброво со кој што би се довеле во нормални граници напонските прилики во нашата држава“, вели директорот Пауновски.
Покрај тековните проекти, Пауновски кажа дека имаат аплицирано за голем број грантови преку механизмот за инвестирање на Западен Балкан за надградбата и инвестирањето во преносната мрежа со цел да овозможат непрекинато снабдување на граѓаните со електрична енергија.

