Македонија
Избрани најдобрите полицаец, пожарникар и крводарител
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска ги додели наградите за најдобар полицаец, пожарникар и крводарител за 2009 година
Димитар Арготов, полицаец во Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, ја доби наградата за најдобар полицаец, на Град Скопје, како заслуга за неговото ефикасно работење. „Да се биде добар полицаец е потребно доста искуство, макотрпно да се работи, да се реагира на секој повик и да се извршуваат задачите до крај. Од 1982 година сум во сообраќајната полиција на Град Скопје и до сега имам извршувано повеќе, каде се имам истакнато, имам добиено повеќе парични награди, а оваа награда е најголемата во мојот живот и мојата служба“ изјави најдобриот полицаец за 2009 година Димитар Арготов. Мифтари Башким, командир на одделението во Бригадата за противпожарна заштита е избран за најдобар пожарникар на Град Скопје. Башким работи како пожарникар од 1994 година. „Да се биде првиот пожарникар во Скопје е голема чест, знаејќи дека противпожарната бригада опфаќа многу поопширна околина. До сега имам учествувано во околу 500 пожари и околу триесетина технички интервенции. “ изјави Башким. Драги Котевски вработен во „Македонски железници“ е избран за најдобар крводарител на Скопје за 2009 година, вкупно со повеќе од 105 дарувања крв.„ Дарувам крв од своите 15 години, а понатаму со самото вработување активно се вклучив во крводарителните акции и четири пати годишно да се дарува крв за мене не претставува проблем. Колку животи сум спасил не знам, и крводарителството за мене претставува хуманост, нешто со што се гордеам“ изјави Котевски. Градот Скопје ги награди најдобрите полицаец, пожарникар и крводарител со парична награда од 10 000 денари./крај/сл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

