Македонија
Расмусен:Името мора да се реши
Влезот на Македонија во НАТО зависи и од решението на спорот за името. Колку побрзо се реши, толку побрзо Македонија ќе биде дел од Алијансата. Ова во петок, по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел, го изјави генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен.
Влезот на Македонија во НАТО зависи и од решението на спорот за името. Колку побрзо се реши, толку побрзо Македонија ќе биде дел од Алијансата. Ова во петок, по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел, го изјави генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен. Расмусен побара да се покаже интензивност во спорот за името со Грција и изрази увереност дека наскоро ќе ја види Македонија во НАТО. Од друга страна, премиерот Груевски истакна дека Македонија сака да најде решение со кое ќе бидат задоволни и двете страни. „Се обидуваме да најдеме решение со кое ќе бидат задоволни и двете страни. Македонија ќе продолжи со сите реформи за да одиме понапред, за подобар квалитет на живеење, како и за членството во НАТО“, рече Груевски. /крај/м/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните со можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување: советодавни денови помеѓу Фондот на ПИОМ и германскиот носител за пензиско осигурување
На 18 и 19 ноември 2025 година во Скопје ќе се одржат редовните советодавни денови помеѓу претставници на Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување.
Во рамките на советодавните денови граѓаните ќе имаат можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување кои произлегуваат со примената на Договорот за социјално осигурување склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Сојузна Република Германија.
„Граѓаните ќе може да се информираат за условите за остварување на право на пензија, според правните прописи на двете држави договорнички, постапката за потврдување на стаж навршен во СР Германија, потребната документација при поднесување на барање за остварување право на германска пензија, постапката за враќање на придонеси, исплата на германска пензија во Северна Македонија и други прашања.
Заинтересираните странки термин може да закажат на следните телефонски броеви: 02 3250 452, 02 3250 453 и 02 3250 454
Фондот на ПИОМ ги известува странките дека со себе треба да ги понесат доказите за осигурувањето во СР Германија, како и документ за идентификација (лична карта или пасош).
Советодавните денови помеѓу Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување ќе се одржат во просториите на Фондот на улица „23 Октомври“ бр 11, во Скопје, во салата за состаноци на четвртиот спрат во следните термини: 09 до 12 и 14 и 15 до 16 часот на 18 и на 19 ноември 2025 година“.
Македонија
Тероризмот е закана која бара одлучен, заеднички и координиран одговор: Пратеничка група на Собранието со израелската амбасадорка
Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на државата Израел оствари средба со израелската амбасадорка Вивиен Ајзен и Амира Халперин, виш научен соработник за БИКОМ.
Претседателката на пратеничката група, Рашела Мизрахи, истакна дека средбата е уште една потврда за силните и пријателски односи со Израел, уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година.
Израел е клучен партнер на НАТО преку Медитеранскиот дијалог, и овие мултилатерални канали се важна платформа за размена на информации и заедничко дејствување против тероризмот. Потенцијалот во продлабочувањето на соработката со Израел токму во областа на безбедноста и борбата против тероризмот, е огромен и високо се цени врвната експертиза и напредната технологија што Државата Израел ги поседува во безбедносните области.
„Живееме во време на исклучително сложени глобални безбедносни предизвици. Радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот се закани кои не познаваат граници и бараат одлучен, заеднички и координиран одговор. Иако Собранието е институција која не типично асоцира на дискусии околу безбедносни прашања, сепак верувам дека токму во овој дом треба да се креираат политиките за безбедносниот систем на државата“ – истакна Мизрахи.
Во фокусот на средбата беше презентацијата на Халперин за терористичките закани во Велика Британија и неуспехот на политиките во борбата против тероризмот. Таа зборуваше за глобалните закани од тероризам, за терористичките групи кои дејствуваат глобално, како Хамас, ИСИС, Ал Каеда, за нивното влијание и продор во повеќе сектори, за поддршката од студенти и професори на многу универзитети.
Амбасадорката Ајзен и Халперин ставија акцент на антисемитизмот и во тој контекст беше нагласена скапата пропаганда и важноста од подигањето на општествената свест, потребата од едукација и меѓусебна соработка во борбата против тероризмот
Од присутните беше изразено разбирање за виталните интереси на Израел и неговото право на самоодбрана од терористички закани, што беше недвосмислено изразено и преку осудата на нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.
Македонија
Општина Илинден: Се гради нов плочест мост и сервисна улица во Марино
Интензивно се вршат градежните активности на терен за реализација на проектот за изградба на нов плочест мост и сервисна улица „500“ во населеното место Марино, соопштија од Општината Илинден.
Со проектот, како што појаснуваат, ќе се реализира изградба на нов плочест мост со коловоз широк 6 метри и тротоари од по 1,5 метар од двете страни, со што ќе се обезбеди безбедно и непречено движење на пешаците и возилата. „Покрај мостот, интензивно се работи на терен и изградбата на новата сервисна улица во должина од 260 метри, со коловоз широк 5,5 метри и тротоари со широчина од 1,5 метри од двете страни на улицата.
Дополнително, во рамки на проектот се поставува и систем за собирање и одведување на фекални отпадни води, односно фекална канализација за објектите што гравитираат кон оваа улица – што претставува значаен придонес кон подобрување на инфраструктурата и условите за живот во овој дел од општината“.
Увид во градежните работи изврши градоначалникот на општината Алекснадар Георгиевски, кој истакна дека ова е еден од ветените проекти кој го бараа граѓаните. Изградбата на новиот мост и улицата ќе направи спојување на веќе изградената улица „119“ во населбата Јака, со што оваа населба со над 330 домаќинства ќе се поврзе со централниот дел на општина Илинден, односно со н.м Марино. Исто така, значително ќе се подобри и сообраќајната поврзаност, како и квалитот на живот на граѓаните. Средствата за реализација на овие проекти се 70% финансирани од Владата на РМ, а 30% од Буџетот на Општина Илинден.

