Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Јакимовски и овозможил екстра профит на ОКТА
Како тогашен министер, на Стевче Јакимовски му било добро познато дека ОКТА, односно ЕЛ.ПЕТ Балканики ќе покрене спор пред Арбитражниот суд во Париз, а тој со потпишувањето на анекс и дава повластени околности на компанија на пазарот, во саботата обвинија од владеачката ВМРО-ДПМНЕ
Како тогашен министер, на Стевче Јакимовски му било добро познато дека ОКТА, односно ЕЛ.ПЕТ Балканики ќе покрене спор пред Арбитражниот суд во Париз, а тој со потпишувањето на анекс и дава повластени околности на компанија на пазарот, во саботата обвинија од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Првата работа за која Стевче Јакимовски проговори, откако премина во СДСМ е темата ОКТА. На тој начин Стевчо Јакимовски сака да ги прикрие своите лични бизнис релации со оваа компанија. Јакимовски е единствениот кој се труди да го оправда своето практично искуство со компанијата ОКТА, а во лагите на Стевчо Јакимовски не му поверуваа ниту неговите нови сопартијци“, рече портпаролот на најголемата владејачка партија, Александар Бичиклиски.
На денешната прес-конференција во центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Бичикилски забележа, како што нагласи – дека ниту СДСМ како актуелна партија на Јакимовски, ниту нејзиниот лидер Бранко Црвенковски не му дале поддршка на својот нов член, актуелен градоначалник на скопската општина Карпош. Но, сепак, додаде тој Јакимовски „продолжи со неаргументирани напади и лични дисквалификации“.
„За среќа, она што не разликува од Социјалдемократскиот сојуз е говорењето со докази и факти. Прво, Очигледно е дека Стевчо Јакимовски не може да го прикрие фактот дека на 30 декември 2003 година, како министер за економија, потпишува анекс на Анексот Д од купопродажниот договор со ОКТА“, потенцираше Бичиклиски.
Тој додаде дека како тогашен министер за економија му било повеќе од јасно дека ОКТА ќе покрене спор пред Арбитражниот суд во Париз, Јакимовски со потпишувањето на овој анекс и’ дал повластени околности на компанија на пазарот. Со тоа, според Бичиклиски, Јакимовски и’ овозможил стекнување екстра профит на ОКТА.
„Ниту Стевчо Јакимовски, ниту, пак, СДСМ одговори на македонската јавност на нашето едноставно прашање: Дали реалната штета од потпишаните штетни анекси со компанијата ОКТА е повисока од 20 милиони евра?“, јавно запраша Бичиклиски./крај/фо/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

