Македонија
Македонците и натаму со позитивен став за Европската Унија

Македонските граѓани имаат позитивен став кон евентуалното идно членство на земјава во Европската Унија покажуваат резултатите од последното истражување на Евробарометар.
Македонските граѓани имаат позитивен став кон евентуалното идно членство на земјава во Европската Унија покажуваат резултатите од последното истражување на Евробарометар. Истражувањето го потврди позитивниот став јавноста го има во однос на членството во ЕУ. Околу 66 отсто од испитаниците сметаат дека членството во Унијата е добра работа, што претставува благ пораст во однос на пролетта 2009 за два отсто. Пораст се забележува и кај бројот на граѓаните што очекуваат придобивки од зачленувањето во Европската Унија. Со дури 76 отсто граѓани што очекуваат придобивки, Македонија има значително поголем процент во однос со останатите две земји-кандидати за членство, Турција и Хрватска. Пораст од 59 на 65 отсто е забележан во бројот на граѓани кои имаат позитивни чувства кон ЕУ. Слободата на патување, студирање и работа насекаде во Европа останува позитивен аспект кој испитаниците во земјава најчесто го поврзуваат со ЕУ. Големо мнозинство од анкетираните и во земјава и во ЕУ ги издвојуваат солидарноста и безбедноста како најважни општествени вредности на Унијата. Мнозинството граѓани и натаму ја сметаат невработеноста за главен проблем во земјата, иако нивниот број во меѓувреме опаднал од 68% на 64%. Расте бројот на испитаниците, од 25 на 46 отсто кои сметаат дека последиците на светската економска криза врз пазарот на трудот го достигнале својот максимум, но речиси ист процент на анкетирани, 47 отсто, сé уште сметаат дека најлошото допрва доаѓа. Во согласност со трендот забележан во сите земји опфатени со истражувањето, довербата на јавноста во националните институции дополнително се намалила, со исклучок на локалните и регионалните власти, во кои довербата се зголемила. Значаен дел од испитаниците и во земјава (58 отсто) и во ЕУ (61 отсто) сметаат дека нивните држави се мешаат во нивните животи. Сличности меѓу домашната јавност и онаа во ЕУ има и во однос на ставот дека од глобализацијата профитираат само големите компании, но не и граѓаните. Него го делат 62 отсто од граѓаните во земјава и 63 отсто во Унијата. Речиси идентични проценти на анкетирани и во земјава и во ЕУ веруваат дека воспоставувањето социјална еднаквост и солидарност е најважната мерка што општеството треба да ја преземе за да ги ублажи последиците од глобализацијата. Истражувањето на јавното мислење Стандард Евробарометар се спроведува двапати годишно. Седумдесет и вториот Евробарометар е спроведен во 27-те држави-членки на Европската Унија и во трите земји-кандидатки – Македонија, Хрватска и Турција, во периодот од 23 октомври до 18 ноември 2009. Анкетата е спроведена на вкупно 30.238 испитаници. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.