Македонија
Авторите на „Скопје 2014“ против „девалвирањето на нивниот труд“
Дел од авторите на проектот „Скопје 2014“ денеска со писмо се огласија против, како што велат “неоснованите и нестручни напади“ на кои се подложени по обелоденувањето на проектот.
Дел од авторите на проектот „Скопје 2014“ денеска со писмо се огласија против, како што велат “неоснованите и нестручни напади“ на кои се подложени по обелоденувањето на проектот. Вкупно 18 архитекти, автори на споменици и останати стручни лица се потпишани на писмото со кое се бара да престанат „некултивираните, неоснованите, невештите и нестручните напади кои деновиве без никаков аргумент се упатуваат кон проектот и кон авторите“. Велат дека не прифаќаат политичка, туку естетска дебата за нивните дела. „Цениме дека ова е само невешт пример за обид за внесување на негативен аспект во перцептивното поимање на проектот од страна на граѓаните. Структурите од кои ги доживуваме овие напади, ни создаваат сериозно чуство на сомнеж дека девалвацијата на овој проект е дневно – политички мотивирана. Македонската јавност треба, но и веќе знае, дека со овој проект Скопје ќе има содржина и физиономија и Скопје вистински ќе заличи на метропола. Ние со нашиот авторитет и кредибилитет тоа го потврдуваме и го гарантираме“, вели Жарко Башески, автор на спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев. Башески информира дека спомениците на Делчев и Груев се очекува да бидат поставени за еден месец. На локацијата пред Камениот мост веќе се работи за подготовките за поставување на нивните постаменти. Бара трпение од јавноста до конечното поставување на спомениците. „Ние не сакаме да се ставиме во ситуација да браниме нешто што визуелно го немаме доживеано“, вели Башески. За месец и половина од леарницата во Фиренца треба да пристигнат и двата лава што ќе бидат поставени на мостот „Гоце Делчев“, од страна на Владата. За авторот Дарко Дуковски нема дилеми дека е оправдано поставувањето токму на овој симбол. „Македонија отсекогаш се идентификувала со лав. Не гледам причина зошто да не бидат поставени лавовите“, вели Башески. Зад писмото во кое авторите велат дека „проектот Скопје 2014 е временски, визионерски и концептуално исправен“, покрај Башески и Дуковски, се потпишани и Слободан Милошевски, Кирил Мукаетов, Валентина Стефановска, Димитар Филиповски, Ангел Коруновски, Томе Аџиевски, Елена Дуковска, Константин Јанев, Богоја Ангелковски, Роза Павлевска, Перо Кованцалиев, Војдан Запров, Зоран Петров, Јован Стефановски – Жан, Вангел Божиновски и Виктор Михајлов. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

