Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го продал Бања Бањско за багателна цена

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини СДСМ, дека во нивно време близок човек на поранешниот министер за здравство, Владо Димов
Владеачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини СДСМ, дека во нивно време близок човек на поранешниот министер за здравство, Владо Димов станал сопственик на комплексот Бања Бањско на нелегален начин и за многу ниска цена.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски потсети дека кумот на Димов, Ристо Масев благодарение на семејните и бизнис интереси, со одлука на Владата преку ноќ станал сопственик на комплексот бањи чија реална вредност била проценета над еден милион евра.
Од партијата на Никола Груевски рекоа, ова е само уште една од стотиците афери во областа на здравството направени од Владата на СДСМ, и министерот во егзил Димов.
“Бидејќи, поранешниот министер за здравство веќе подолго време не им е достапен на органите на прогонот, неговата матична партија ќе мора да даде објаснување како извесниот Масев станал сопственик на комплексот бањи”-повика Бичиклиски./крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Славевски најави мерки за поттикнување поповолно кредитирање за купување станови

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денеска оствари работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски.
На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и за можностите за поефикасна размена на информации меѓу двете институции. Како што соопштија од Катастар, целта на средбата е креирање нови мерки за полесен пристап до кредити за купување прв стан.
Директорот Живковски ја изрази подготвеноста на Катастарот за интензивна соработка со Народната банка, нагласувајќи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за креирање ефективни политики. Тој посочи и дека во тек е работа на повторно активирање на Регистарот на цени и закупнини, кој претходното раководство го имаше целосно прекинато.
Гувернерот Славевски истакна дека се подготвуваат мерки за поттикнување поповолно кредитирање на објекти за живеење, особено за млади граѓани и брачни парови кои првпат купуваат стан.
„Нашата цел е да овозможиме подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат“, рече Славевски.
Агенцијата за катастар и Народната банка договорија потпишување на меморандум за соработка, кој ќе овозможи подобра размена на информации, брза достапност на податоци за недвижности и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.
Соговорниците се согласија дека разликувањето на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции, како и зајакнатата институционална соработка, ќе создадат услови за поефикасна поддршка на граѓаните при решавање на станбеното прашање и индиректно ќе влијаат на стабилизирање на цените на пазарот на недвижности.
Македонија
Мисајловски – Бардуани: Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност

Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани со кого разговараше за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, рече министерот на средбата.
Мисајловски порача дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за нас, додавајќи дека земјата ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.
Македонија
Професорот Горан Марковски ќе се кандидира за градоначалник на Скопје

Професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, ќе биде независен кандидат за градоначалник на град Скопје, соопшти граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“, велат од платформата.
Кандидатурата на професорот е поддржана од граѓанската платформа „Независни“ заедно, составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.