Македонија
Коцевски:Владата да се посвети на регионалниот развој, а не само на Скопје

Од СДСМ денеска ја обвинија Владата на Република Македонија дека со проектот „Скопје 2014“ ги оштетила граѓаните кои не се од Скопје и дека со тоа ја довеле Македонија до нерамномерно развиена земја.
Од СДСМ денеска ја обвинија Владата на Република Македонија дека со проектот „Скопје 2014“ ги оштетила граѓаните кои не се од Скопје и дека со тоа ја довеле Македонија до нерамномерно развиена земја.
„Иако Владата се обврза за рамномерен регионален развој годишно да издвојува по 1% од БДП, издвоените средства се за околу 20 пати помали од законски предвидените, односно околу 3 милиони евра, наместо над 60 милиони евра. Во Скопје живеат само 25% од граѓаните на Македонија, но во Скопје се трошат 48% од вкупните капитални расходи во локалната самоуправа“, рече Аце Коцевски градоначалник на Велес.
Тој додаде: „Скопје има за два пати поголеми приходи и за три пати поголеми капитални расходи по глава на жител, во споредба со општините надвор од Скопје. Владата наместо да ги намалува, со овој и сличните проекти, разликите уште повеќе ги зголемува“.
Коцевски рече дека Македонија не е само Скопје и ја праша Владата како може да има 200 милиони евра за споменици и други градби, а да нема за регионален развој.
Од СДСМ велат дека тие не се против да се гради, тие бараат од Владата да ги намали оперативните расходи за да има како што рече Коцевски што повеќе пари за капитални инвестиции.
„Наместо споменици градете нови автопати, регионални патишта, инфраструктура во индустриски зони, изградете го гасоводот, осовременете ја железницата за да ја подобрите бизнис климата, за да привлечете нови инвеститори, за да отворите нови работни места“, и порачуваат од опозициската СДСМ на Владата.
Тие велат дека не е страшно да се згреши, а грешката е проектот кој како што сметаат од СДСМ создава длабоки национални, меѓуетнички и религиозни поделби./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големиот пожар кај струшко Октиси ставен под контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, се присутни на терен кај селото Октиси, каде што беше активен голем пожар.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот, иако имал големи размери, е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадења кои се внимателно следени од екипите на терен.
Во гаснењето дејствува и авион „Ер трактор“ од ДЗС, кој интервенира од воздух, како и шестмина пожарникари и едно противпожарно возило од ТППЕ – Струга, 10 лица од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, две возила „Пинцгауер“ од ДЗС и локални жители.
„Благодарение на навремената интервенција, координацијата на сите служби и несебичната помош на локалното население, спречено е ширење на пожарот кон населени места“, велат од ЦУК.
Македонија
Поради пожар, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила на граничните премини.
На ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре и за време на викендот сончево време

Времето утре ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во првите два дена од новата седмица времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.