Македонија
Aлијансата за Aлбанците до Заев: Тие што избираа обвинители од тефтерчето на Мијалков, ќе одлучуваат за судбината на СЈО?
Во моментот кога јавноста очекува функционирање на правната држава и владеење на правото, од оние искри надеж што некогаш ги даде специјалното јавно обвинителство, денес ова обвинителство станува предмет на протагонистите на т.н. бомби, соопшти Алијансата за Албанците.
„Тајните преговори помеѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО, Христијан Мицовски, за судбината на СЈО, со исклучок на албанската опозиција за создавање широк политички консензус, укажуваат дека Северна Македонија продолжува да промовира етноцентричен и исклучувачки дискурс“, велат од партијата.
Според нив, вклучувањето на ДУИ во овој процес преку функционери што беа дел од бомбите и се главни актери што го дегенерираа правниот систем со крајна политизација и партизација, како што е случајот со Блерим Беџети, кој ќе ја претставува ДУИ во работните групи за изготвување на предлог-законот за СЈО, претставува преседан.
„Се поставува прашањето каков легитимитет има ДУИ, која преку Блерим Беџети, кој заедно со Муса Џафери гиизвршуваа наредбите на Сашо Мијалков, за назначување обвинители и високи републички судии. Дали можеби сега преку законска рамка ќе го направат СЈО специјален партиски суд кој ќе ги амнестира обвинетите и осомничените од ДУИ и ВМРО, кои се дел од предметите на СЈО?“, прашуваат од партијата.
Оттаму го повикуваат премиерот Заев да престане, како што велат, да се поигрува со правдата, особено со специјалното јавно обвинителство.
„Го повикуваме премиерот Заев итно да воспостави широк политички консензус за да создаде политички амбиент за обезбедување перспектива и целосна независност на специјалното јавно обвинителство, а потоа да се создадат непартиски експертски групи кои ќе изготват предлог-закон во корелација со идејата за основање на СЈО како независен орган кој ќе се справи со кривично гонење функционери осомничени за криминал и корупција, а кои беа дел од прислушуваните разговори“, додаваат од Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

