Македонија
АХВ интервентно ги помогна сточарите од скопско погодени од невремето
За интерветно да им се помогне на сточарите од поплавените региони во скопско, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од донации обезбеди и на одгледувачите на добиток од Арачиново, Брњарци, Црешево, Инџиково, Смилковци, од Стајковци, Сингелиќ, од Страчинци и Виниче, досега им подели околу 15 илјади килограми концентрат за исхрана на преживеаниот крупен и ситен добиток, а од Агенциајта во понеделникот најавија дека активностите за обезбедување добитоична храна за сточарите од поплавените региони ќе продолжи и наредните денови.
Најголем дел од донираниот концентрат, односно 231 вреќа или 11.650 килограми, наменети се за исхрана на говедата и поделени се на сточарите според потребите на одгледувачите на добиток, односно врз основа на бројот преживеани грла кои ги евидентирале при контролата извршена на терен, стручни тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
За исхрана на овци и кози во поплавените региони, преку Агенцијата од донации од правни лица досега се собрани и на сточарите им се распоредени над 3.150 килограми концентрат, односно 63 вреќи со овој тип на храна наменет за исхрана на ситен добиток. До крајот на минатата недела на одгледувачите на свињи, донирани и распределени беа 26 вреќи односно 2.200 килограми концентрат, информираат во понеделникот од АХВ.
Акцијата за обезбедување донации во добиточна храна наменета за сточарите од поплавените региони и нејзино распоредување до сточарите Агенцијата за храна и ветеринарство ја реализира во соработка со стручни лица од Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, институција чии стручни тимови со официјалните ветеринари од Агенцијата вршат посета на секое поплавено домаќинство на терен, прават процена на состојбата со храната која имаат сточарите, а која била зафатена со поплавата и врз основа на сондажата ги дефинираат потребните количини храна за различните видови животни од фармите во поплавените региони./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

