Македонија
Американската SEC во писмо порачува дека Богоески не смее да биде заплашуван со тужби
Американската Комисија за хартии од вредност (SEC) во писмо што му го испратила на поранешниот разузнавач Слободан Богоески кој сведочеше таму за случајот со „Маѓар Телеком“, ги потврдува изјавите дадени во SEC откако дознале дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети и неговиот сопартиец, Муса Џафери покренале против него тужба за клевета.
Во писмото, од Кoмисијата предупредуваат дека сведоците што дале исказ во судска постапка не смеат да бидат заплашувани.„Во Соединетите американски држави, сведок што се повикува да сведочи во судска постапка не се става во опасност од парница за клевета. Американскиот правен систем признава дека едно независно судство не може да функционира ако сведоците можат да бидат заплашувани поради тоа што дале изјава. Во овој случај, не постои сомнеж дека Вашата изјава беше дадена во судска постапка и заслужува соодветна заштита“, се вели во писмото од американската Комисија за хартии од вредност.Подготвителното рочиште во Основниот суд Скопје 2, за тужбата за клевета којашто ја поднесоа Ахмети и Џафери против Богоески за неговото сведочење за „Маѓар телеком“, се одложи, бидејќи не биле испочитувани роковите за одговор на тужбата.Богоески најави дека ќе покрене кривична постапка против Ахмети и Џафери ако тужбата не биде веднаш отфрлена.„Ова е една мала слика што ја прикажува големата слика за односот на нашата власт кон судството. Целта е јасна, тие сакаат пред ненадлежен суд да издејствуваат некаква одлука за да ја користат во кривичната постапка којашто се води во јавните обвинителства за организиран криминал. Сакаат да се амортизира мојата изјава и постапката пред Њујоршкиот суд сметајќи дека ова е најлесен начин што ќе им помогне во таа постапка. Самата тужба за клевета за исказ даден во судска постапка не е дозволена, тоа добро го знаат и тие и нивните полномошници. И според американското и според нашето законодавство тоа е казниво според кривичниот законик, казниво влијание врз сведоци во судска постапка. Ако не биде отфрлена веднаш ќе процесуирам кривична постапка против подносителите и сите што учествуваат во оваа постапка. Не можете да тужите никого за навреда и клевета за исказ даден во судска постапка“ изјави Богоески.Неговиот адвокат, Валентин Зафировски вели дека тужбата била поднесена уште во декември 2015 година, додека Богоески бил во затвор, а била доставена изминатите месеци.„Сите знаеја во кој затвор беше Богоески, а безмалку и тужителите знаеја бидејќи се најзаинтересирани. Ако сакаа навистина да почне постапката ќе почнеше многу порано, тужбата ќе беше доставена навреме и случајот ќе беше завршен досега. На 29 декември се одржало рочиште на кое е донесена одлука бидејќи немало тужба, да се достави тужбата на тужениот. Меѓутоа ние како лојални граѓани на оваа држава односно мојот властодавец како лојален граѓанин на оваа држава ќе се бори со сите средства да не им го дозволи тоа“, изјави Зафировски.Тужбата е поднесена за сведочењето на Богоески пред американската комисија за хартии од вредност пред окружниот суд во Њујорк каде Богоески тврдеше дека поранешните директори на „Маѓар Телеком“ дале поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.САД ги сомничи Елек Штрауб, Андраш Балог и Томаш Морваи дека кон крајот на 2004 година се вклучиле во шемата на поткуп на македонските политичари, односно дека Бучковски, Ахмети и Џафери зеле по 2,5 милиони од „Маѓар Телеком“.Во Основниот суд Скопје 1 паралелно се води процес против тројца поранешни директори на Македонски Телеком, Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјакус кои се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба префрлајќи пари на разни сметки.Но, судењето постојано се одложува бидејќи обвинетите не се достапни за јавноста. Богоески детално ги опишува сите операции и активностите во кои учествувал како посредник, ангажиран од контроверзниот грчки бизнисмен Димитрис КондоминасПредметот е распореден за судење на 7 мај во 2017 во Њујорк.Богоески минатата недела во интервју обелодени опасни сведочења за врвот на ВМРО-ДПМНЕ од каде најавија дека ќе го тужат. За оваа тужба Богоески изјави дека не знае со што ја навредил самата партија, но рече дека ќе ја коментира тогаш кога ќе ја добие тужбата. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната средба во Штип со општинските организации од изборната единица 3, порача дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против оваа власт. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
-Има некои луѓе кои што се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои што проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
-Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, се што може да направат е дополнително нас да не делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои, како што велат од партијата, се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
-Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле се. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата, рече Филипче.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

