Македонија
Аневски не ѝ ги даде на Јанева случаите „Маѓар“ и за Верушевски
Советот на јавни обвинители одлучи во средата дека секој предмет кој е побаран веќе нема да го даде на Специјалното јавно обвинителство, а дека за сите предмети ќе бидат надлежни само Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и Основното јавно обвинителство Скопје.
„Многу непријатно бевме изненадени кога дојде (специјалната обвинителка Катица Јанева) и кажа дека нема да одговори на ниту едно наше прашање. Откако таа си замина, одлучивме со 7 гласа „за“, дека за постапување и во иднина ќе бидат надлежни Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Скопје. Значи, сите предмети коишто се кај нас, ќе бидат вратени во овие обвинителства“, рече претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски.Според него, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева требало да дојде и да им образложи како предметите кои ги бара се поврзани со и произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, а откако таа не појаснила, тие изгласале дека не е надлежна. Аневски смета дека Јанева треба да гони само случаи од 2008 до 2015 година.Речиси месец и половина траеше префрлувањето на предметите за кои бараше надлежност специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во среда одговори на поканата на Советот на јавни обвинители и дојде во Советот, но не образложи пред неговите членови зошто бара да ѝ бидат предадени предметите „Маѓар телеком“, предметот за пиштолот на Зоран Верушевски и предметот за детска порнографија против синот на Верушевски.Само десетина минути таа се задржа во Советот, а потоа рече дека се повикува на својата автономија дадена со Законот за специјално јавно обвинителство кој не ѝ налага да образложува зошто бара определен предмет.Аневски, пак, рече дека на Јанева ѝ било предочено дека таа како јавен обвинител треба да одговара пред Советот за своето законско постапување, но Јанева рекла дека веќе нема да доаѓа во Советот и побарала да не биде повикувана.По најавите на Специјалното јавно обвинителство дека ќе започнат сопствени истраги за спорните предмети доколку не им бидат предадени, Аневски вели дека никој не го спречува СЈО да формира предмети, да продолжи постапки кои се наоѓаат во Советот, да бара отфрлени кривични пријави и запрени истраги и да ги активира./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

