Македонија
Авалон најави тужба против Град Скопје поради откажаниот дочек на Нова година

Од Авалон Продукција во четвртокот најавија тужба против Град Скопје поради откажаниот дочек на Нова година на плоштад Македонија, каде што требаше да настапи пејачката Каролина Гочева, која е дел од Авалон Продукција. На дочекот исто така требаше да настапат и раперот Слаткаристика и пејачот на народна музика Миле Кузмановски.
Сопственикот на Авалон, Бобан Милошески, веднаш по веста дека Град Скопје го откажува дочекот на Нова година и дека средствата ќе ги донира во социјални цели, порача дека неговата продукција ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосно да и бидат исплатени сите трошоци.
„Ако град Скопје се откаже од дочек на Нова година (а тоа може да го направи затоа што оваа година не плаќа 100 илјади евра за некоја Северина и 50 илјади евра за продукција од странство) и со тоа ги оштети македонските артисти и продукцијата од Македонија, Авалон Продукција ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосна исплата на сите трошоци. Исто од хуманитарни причини Авалон ќе покрене петиција градоначалникот Коце Трајановски и вработените во град Скопје своите шест месечни плати да ги донираат на сиромашните“, напиша Милошески на својот фејсбук профил.
Според него, „Нова година на пејачите во Македонија им значи живот, исто како на секој што работи за плата“. „Пејачите за Нова година заработуваат за живот и нив тој термин им значи како на некој што му значат шест плати. И до кога си патриотизам на штета на Македонецот? Да беше некој Оливер Драгоевиќ како лани, ќе беше платен 100 илјади евра (и досега ќе беше и исплатен), но бидејќи е наш Миле Кузмановски немаме гајле и сега ќе глумиме хумани. Како тоа Андреј не може да ги откаже Филм и Забрањено пушење, а Коце може Миле и Слаткар? Се разбира дека не може бидејќи тие не се Македонци. А мозок, тоа не постои. Затоа ќе има суд“, додаде Милошески.
Град Скопје во четвртокот преку соопштение најави дека се откажува од дочекот на Новата 2017-та година, кој требаше да се одржи на плоштадот Македонија, додавајќи дека средствата планирани за организирање на дочекот во изност од околу два милиона денари ќе бидат донирани во социјални цели, при што одлуката каде ќе бидат донирани средствата ќе биде дополнително донесена од страна на Советот на Град Скопје./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради градежни активности времен прекин на сообраќајот на регионалниот пат Велес – Градско

Поради вградување на асфалтен слој (асфалтирање), од 20.03.2023 до 25.03.2023, регионалниот пат Велес – Градско односно делот од с. Ногаевци до с. Виничани ќе биде затворен за сообраќај од 08:00 до 16:00 часот, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Тренчевска: Носењето на нов општ колективен договор е неопходно, ќе даде решение за состојбата на вработените во јавниот сектор

Економскиот социјален совет денеска ја оддржа седмата седница, на која се отвори дискусија за неопходноста од склучување на нов Општ колективен договор и за Предлог законот за систем на плати во јавниот сектор, како точки на оваа седница.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска како претседавач на Економско социјалниот совет ја отвори дискусијата и притоа ја нагласи потребата од нов Општ колективен договор, земајќи предвид дека последниот Општ колективен договор е потпишан 2008 година, а во меѓувреме се настанати голем број на измени во законодавството.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека, Општиот колективен договор ќе даде решение за состојбата на работниците во јавен сектор, условите, правата и обврските на двете страни како производ на социјалниот дијалог.
На денешната седница социјалните партнери се договорија да се формира работна група која ќе работи на подобрување и уредување на предлог текстот на Општиот колективен договор, а така добиениот текст , уште еднаш ќе се разгледа на следна седница на ЕСС. Во работната група, ќе учествуваат претставници од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија, Министерството за финансии, Министерство за информатичко општество и администрација, Организација на работодавачи и Бизнис конфедерацијата на РСМ и Синдикатите.
Од страна на експертот ангажиран за подготовка на предлог законот за систем на плати, беше презентиран предлог законот, по што се отвори дискусија за истиот. Притоа, беше истакнато дека, се работи за сложен и комплексен закон, кој бара посебно внимание, затоа сугестиите и мислењата на сите страни се од големо значење.
Како Влада продолжуваме заедно низ дијалог, да носиме системски решенија кои се правични и даваат резултати на долг рок, велат од кабинетото на Тренчевска.
Македонија
Третманот на Јанкуловска и затвореничките во “Идризово” е дискриминирачки, утврди Комисијата за антидискриминација и бара решение за шест месеци

Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години.
Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол.
Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење на дел од погодностите на осудените лица, пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкции, е наведено меѓу другото во извештајот од Комисијата.
Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.
Според оваа институција „станува збор за погодност која може да се користи ако осуденото лице одлежало третина од казната или пак има примерно поведение“.
Комисијата има усвоено и препорака до Управата за извршување санкции, во соработка со други релевантни органи, во рок од шест месеци да подготват Акциски план со извори на буџетирање, за адаптирање, реконструкција и конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички.
Инаку, Гордана Јанкуловска, осудена за случајот „Тенк“, издржува затворска казна во времетраење од четири години, од 28 септември 2020 година, во „Идризово“.
Своевремено Исмаил Камбери, во улога на претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, во изјава за „Макфакс“ посочува дека станува збор за комплициран случај.
А дека Јанкуловска е дискриминирана во затворот во интервју за „Макфакс“, призна и ексдиректорот на Управата за извршување санкции.