Македонија
Белград праќа помош во Македонија по поплавите
Градот Белград, во вторник упати тим од седум луѓе, две специјализирани возила и две пумпи во Скопје, за што побрзо да се санираат последиците од поплавите кои пред неколку дена се случија во главниот град.
„ЈКП Београдски водовод и канализација, го прати своето најголемо возило за отчепување фекалии и за исцицување на содржината од канализациите и подрумите, ЈКП „Градска чистота“ упати голема фекална цистерна која ќе помогне во отстранување на калта, а ЈП „Београдвода“ прати две пумпи со голем капацитет кои можат да испразнат вода од каналските мрежи, водоводни и канализациони системи и од приватни домови со капацитет од 2.000 литри во минута“, рече Дарко Главаш, директор на јавното претпријатие „Белградски водовод и канализација“.Според него, планирано е екипите во Македонија да останат седум до 10 дена, а ко властите во земјата одлучат дека им се потребни и понатаму, тие ќе останат.Главаш наведе дека Белград сочувствува со народот на Македонија и дека човеки е да се помогне, знаејќи дека истото се правеше и за Србија пред две години./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.

