Македонија
Божикно празнување за лицата заболени од церебрална парализа во организира Епархијата Повардарска
Со верба во Бога се е полесно, па и вашата родителска грижа, затоа верувајте во Бога оти тој е лекарот над лекарите и ќе ви помогне да ја намалите болката. Вака им се обрати Владиката Повадарски, г-дин Агатангел на родителите и децата од Здружението на лица заболени од церебрална парализа на Божикната забава.
„Крстот на родителите навистина е тежок, но е скалило за Царството Небесно, на овие родидители верувајте ми вратите на Царството небесно се отворени затоа што преку овие земни страданија и овие душевни болки што ги доживуваат со нивните рожби, Бог милостивиот и човекољубив, Тој им ги отвара вратите на Царството Небесно, денеска на земјата се мачат но во вечноста ќе го живеат боженството негово“, рече г-дин Агатангел, митрополит Повардарски.
Од Здружението, благодарни се за помошта што ја добиваат од Епархијата Повардарска и локалната самоуправа, но очекувањата се големи,како што е и потребата од Дом за лица со посебни потреби.
„Велес е град кој што треба да има добар Дневен центар, сервиси за поддршка на лицата со попречености, се надевам дека општината ќе оди во таа нагорна линија да се градат капацитети, да се создаваат можности што повеќе да им се помога на овие граѓани, а сервисите се еден од суштинските показатели со кои ние можеме многу повеќе да помогнеме“, рече Далиборка Златева, претседател на Друштво на родители на деца заболени од церебрална парализа.
За родителите на овие деца, благословот, подадената рака и насмевката е симбол за понатамошната соработка. Велес е првата општина во државата која изработи и Акционен план за вклучување на овие лица во општественото живеење.
„Општина Велес стои позади овие лица, како и во минатото така и во иднина ќе ги подобруваме условите за живот, со една единствена цел, што повеќе да го олесниме животот на овие наши сограѓани“, рече Славчо Чадиев , градоначалник на општина Велес.
МПЦ и Друштвото на родители на деца заболени од церебрална парализа по девети пат ја организираат Божикната забава. Гости на дечињата им беа членовите на Младинскиот црковен хор./крај/лисица
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 481.127.667 денари кон 12.458 лозари
Во пресрет на празникот Св. Трифун, заштитникот на лозарите, реализирани се средства во износ од 481.127.667 денари кон 12.458 корисници, соопшти Министерството за земјоделство.
Средствата се исплатени по Мерка 1.8 – Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади.
„Се потврдува посветеноста и приоритетите на институциите во развојот на оваа земјоделска гранка. Министерството продолжува со реализација на мерки и политики насочени кон одржливост и унапредување на земјоделското производство“.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.

