Македонија
Чавков: Бројот на мигранти нема да се намали во догледно време
Бројот на илегални мигранти кои би ја користеле таканаречената Балканска рута нема да се намали во догледно време. Дополнителен проблем претставува фактот што ЕУ се уште нема усвоено заедничко решение за справување со кризата, рече Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков на седницата во Собрание на којашто пратениците треба да гласаат за тоа дали да се продолжи кризната состојба на јужната граница на Македонија што беше прогласена по големиот прилив на мигранти од Грција.
Тој побара пратениците да продолжат важноста на Одлуката за прогласување на кризна состојба.„Во меѓувреме, нема ниту усогласен регионален пристап, а државите од регионот преземаат национални мерки без меѓусебна координација. Транзитот на мигрантите на тнр Западно-балканската рута е прекината на унгарско-српската граница, каде во моментов е запрена поголема маса на мигранти. Истата веќе се пренасочува кон Р. Хрватска, за која исто така нема сигурни информации на кој начин долгорочно ќе реагира на оваа појава. Иако Р. Србија во повеќе наврати истакнуваше дека нема да ги затвори своите граници за мигрантите, нема сигурни информации дека во блиска иднина нема да ја примени оваа мерка на македонско-српската граница, барем како привремено решение за справување со очекуваниот зголемен прилив на мигранти на нејзина територија. Р. Унгарија прогласи кризна состојба на дел од својата територија, а слични најави има и од Р. Хрватска. Во Р. Бугарија извесен период војската е ангажирана за зајакнат надзор на дел од државната граница, а за жал Р. Грција најверојатно ќе продолжи со организиран транспорт на мигранти од островите до македонско – грчката граница. Уште една околност која не смее да се занемари е дека со влошувањето на временските услови ќе се зголемат и потребите на мигрантите за соодветни услови за привремено сместување“, рече Чавков.Според него, бегалската криза освен хуманитарен аспект има и безбедносен аспект, а тоа се потенцијалните ризици од неможноста да се воспостави соодветна контрола на лицата кои транзитираат по веќе утврдените коридори.„Се соочуваме со исклучително комплексен проблем за кој досегашното искуство покажа дека ниту една земја нема доволен капацитет да го реши сама. Затоа уште од самиот почеток на кризата ние апелиравме да се најде глобално решение кое ќе биде согласно највисоките европски стандарди на солидарност и хуманост. За жал, такво решение сé уште нема. Секоја земја е оставена сама на себе да се обидува да се справи со проблeмите без соодветна координација на европско ниво. Фактичката состојба е дека нема посериозни инциденти или ризици по Република Македонија, а од друга страна пружена е помош на илјадници илегални мигранти кои се најдоа на оваа рута“, рече Чавков.Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, рече дека опозицијата ќе го поддржи предлогот, но опозицијата има забелешки околу должината на рокот, до кога ќе трае кризната состојба – 15-ти јуни 2016 година.Тој праша кој ќе донесе евентуален прекин на одлуката за кризната состојба со оглед на тоа дека за тоа време Собранието ќе се распушти бидејќи во април Македонија организира предвремени парламентарни избори. Тој ја критикуваше Владата за бруталниот однос кон мигрантите, за што Македонија добила критики од целиот свет.Според министерот за одбрана Зоран Јолевски, датумот бил одбран поради информациите на властите дека бројот на мигранти нема да се намали за кратко време.Според него, кризната состојба ќе биде прекината тогаш кога ќе има премин од околу 200-300 мигранти дневно, бројка со којашто ќе може да се справи македонската полиција./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

