Македонија
Четири нови случаи на жолтица за два дена во Скопје
Четири нови случаи на жолтица се регистрирани во изминативе два дена во Скопје, со што вкупниот број на заразени достигна 76.
Двајца пациенти се од Шуто Оризари, а по еден од Аеродром и Кисела Вода. Новите случаи не се епидемиолошки поврзани.
Со последното заболено 13-годишно девојче од Шуто Оризари, бројката на хоспитализирани лица со хепатит А на Инфективната клиника е 17 и сите се во стабилна состојба.
Во Скопје вкупниот број на случаи со жолтица се искачи на 76.
Освен во главниот град, епидемија на жолтица е прогласена и во Штип, каде што во вторник биле пријавени три нови случаи со што вкупниот број на пациенти со хепатит А се искачи на 37.
Во Куманово, пак, има три случаи на жолтица.
Вирусниот хепатит А (епидемиски хепатитис, заразна жолтица) е акутно вирусно заразно заболување со добра прогноза, ретки компликации и со ниска смртност.
Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат. Станува збор за заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно хигиенски услови, после поплави или други природни катастрофи.
Основната превенција од хепатитис А е иста како и кај другите цревни заразни заболувања т.е. редовно одржување на лична и општа хигиена. Правилното миење на рацете со сапун и со хигиенски исправна вода по секое користење на тоалет, пред и во текот на подготвувањето на храната, како и пред секое консумирање на намирници, сосема е доволно да се спречи контактното ширење на оваа инфекција, велат од Институтот за јавно здравје.
Исто така, важно е да се употребува хигиенски исправна вода за пиење и да се води сметка за хигиенската диспозиција на отпадните материи.
Болеста може да се спречи и со давање на вакцина против хепатитис А. Вакцинирањето против хепатитис А се препорачува за одредени ризични категории на граѓани, најчесто на патници кои патуваат во ендемски подрачја и во земји со лоши хигиено-санитарни услови, на лица кои работат во производство на храна, лица кои работат во комунални претпријатија, лица кои работат со вирусот во истражувачки лаборатории итн. крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

