Македонија
Да не се ставаат осудени или осомничени лица на кандидатските листи
Коалицијата за промени и правда во која членуваат Демократски сојуз, ФРОДЕМ и МОРО работничка партија, упати јавен повик до сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите заради почитување на „неговото височество“ гласач, на листите на кадидати за пратеници да не кандидираат обвинети и осомничени лица за кои се води истражна или предистражна постапка пред надлежните судови.
„Иако максимално го уважуваме начелото на презумпција на невиност, но сепак сметаме дека на ваквите лица не треба да им се дава можност евентуално да се здобијат со пратенички имунитет со што би се оневозможила или би се успорила постапката која се води за нив“, велат од Коалицијата.Укажуваат и дека деновиве се регистрирани околу 500 гласачи за претстојните парламентарни избори од Изборната единица 7, поточно само во Австралија. „Според информациите што ги поседуваме претежно се запишани пензионери што е малку чудно и остава простор за сомнеж со оглед на фактот дека пријавувањето се врши по електронски пат, а најголемиот дел од нашите иселеници во поодминати години воопшто не познаваат работа со компјутер. Постои основано сомнение дека поради малиот интерес за пријавување на гласачи од дијаспората се користат пријавите од претходното пријавување на гласачи од дијаспората“, додаваат од Коалицијата. Сметаат дека и покрај тоа што кампањата сé уште официјално не е започната на австралискиот континент веќе наголемо се стартува со недозволено агитирање и тоа од лица кои не смеат да го прават тоа. „Се работи за македонскиот амбасадор и конзул во Австралија кои наместо да ја претставуваат државата и да ги реализираат државните потреби и интереси се повеќе се ставаат во улога на агитатори на партијата која ги испратила на гурбет“, велат од Коалицијата. Прашаа дали ДИК и министерот за надворешни рабори Никола Поповски сметаат дека ќе имаме фер избори доколку овие државни службеници и партиски агитатори и натаму бидат на чело на Избирачките одбори на овој континент.Сметата и дека настрана од изборите во дијаспората треба да стои и Австралиско- македонската црковна епархијата и Нов Зеланд под диригентската палка на надлежниот владика кои наместо да проповедаат религија и да го обединуваат народот за добро и тие се впуштиле во партиска кампања. Kоалицијата за промени и правда планира своите листи на кандидати да ги објави на 9 ноември 2016 година./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

